Тоше е најреалната илузија што ѝ се случила на Македонија. За нас, Тодор Проески вечно ќе има 26 години, а ние ќе го славиме денот на неговото раѓање и денеска, по 40-ти пат.
Ни даде толку многу љубов колку што ние не можевме да примиме наеднаш. Затоа, до ден денес црпиме енергија од неговите песни, до ден денес преку нив се шири неговата насмевка и гласна смеа, заедно со неговото: „Ве сакам, ве сакам!“.
Дајте да направиме ѕвездено небо, велеше Тоше на концертите. Ние од Опсервер велиме: Дајте да посветиме барем по една песна од Тоше на саканите и да им кажеме убави зборови како што правеше тој.
Да го одбележиме денот на неговото раѓање ширејќи го неговото дело на љубов и позитивна енергија. Поминавме тешка година, соочени со предизвици за кои што ни беше потребна голема сила да ги препродиме. Во оваа година потребна ни е голема позитивна енергија, насмевки и љубов.
Потребна ни е неговата енергија за да направиме некого среќен. Затоа што за среќа е потребно малку. Тоа малку во вид на песна е доказ за благословот што го имаше Тоше, да шири безусловна љубов на сите.
Да го продолжиме неговото дело. Ни го остави во наследство. Вечен е денот, вечна македонска ѕвездо. Венец бел нека ти плетат ангели, Тоше, твојата ѕвезда не згаснува! Те сакаме сите!