„Лидс ќе зажали ако не го задржи Алиоски“

679

Повеќе од три месеци веќе се најавува новата соработка на македонскиот лев бек Езџјан Алиоски со англиски Лидс, ама официјализација на новата соработка сѐ уште нема, иако имаше безброј најави од македонскиот репрезентативец дека сака да остане, а менаџерот Марсело Биелса посочи дека ако Алиоски сака да остане, Лидс ќе го задржи.

Како одминува времето, засега навивачите треперат дали еден од омилените фудбалери ќе остане во клубот, а медиумите веќе неколкупати ја најавија соработката, но нема детали дали преговорите се застанати или пак до официјализација на новиот договор е практично пред крајот. Се најавуваше само дека новиот тригодишен договор ќе чини пет милиони фунти плус бонуси за Алиоски.

Во ек на целата оваа сага, две премиерлигашки легенди, јавно истапија во јавноста, дека Лидс премногу одолговлекува со новиот договор за популарниот Џани. Кевин Кемпбел е бивш фудбалер на Арсенал (228 меча), Лејтон Ориент, Лестер, Нотингем Форест, Евертон, ВБА… Според легендарниот ценѕтарфор, Лидс ќе зажали, ако го загуби Алиоски, особено што на лето му завршува договорот и ќе биде слободен играч.

„Џани игра и својата работа ја завршува пристојно, но нели позицијата на која игра (лев бек – н.з.) не е негова? Очигледно дека не е специјалист за лева бековска позиција, ама очигледно може и таму да игра. И сега, ако Лидс не го задржи, ќе зажали и ќе се кае што таков играч испуштиле. Мислам дека на маса е договор и во ек се преговори, а Џани покажа дека е сестран играч, така да мислам дека треба да продолжи да се усовршува и сигурен сум дека за него веќе има заинтересирани екипи“, смета Кемпбел.

Дени Милс, пак, ја објасни психологијата во преговорите, дека клубот е тој што треба да направи фудбалерот да се почувствува сакан и важен за тимот, а очигледно постои „некаков проблем“ во новата соработка со македонскиот репрезентативец.

„Генерално, кога станува збор за фудбалерите, не секогаш прашањето е во парите. Тие (играчите – н.з.) сакаат да бидат сакани, сакаат клубот да направи да се почувствуваат дека се посебни. Секој фудбалер сака да биде сакан, сака да верува дека клубот очајно го посакува. Тоа е случај и со Алиоски. Ако нема понуда или ако понудата е помала од тоа што очекувате, тогаш почнувате да размислувате во правец, ‘па тие повеќе не ме сакаат’ или ‘тие не сакаат повеќе да бидам дел од овој клуб’. Ако доаѓате до точка кога фудбалерот е влезен во последните шест месеци од договорот, а веќе е февруари прво што помислувате е – ‘па, тие ништо пристојно не ми понудија’. И потоа следува: ‘Очигледно не ме сакаат за следната сезона, па најдобро би било да почнам да барам други решенија’. Можеби има некаква понуда за Алиоски, но не знаеме, можеби таа е премала, можеби…“, вели Милс.

Алиоски во Лидс дојде во летото во 2017 година од швајцарски Лугано и тоа како засилување за левокрилната позиција, ама под палката на Биелса, игра како лев бек, иако нашиот репрезентативец е исклучително офанзивен во системот на Аргентинецот, ама празнината во одбраната постојано е мета на критики на јавноста и на медиумите, посебно после поразите. Три години Алиоски со Лидс играше во Чемпионшип, а во оваа сезона е дел од Премиерлигата.

Сезонава Џани прпушти само два меча во Премиерлигата, а има два гола на 17 настапи и во најголем дел како стартер за бившиот англиски шампион.