Недела, неработен ден за сите освен за 34 дејности – но кои се тие?

1063

Синдикатот бара недела да биде неработен ден за сите освен за армијата, војска или фабрики кои не може да го прекинат производството, а министерот за економија смета дека тука треба да се додадат и туризмот и угостителството

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вчера уште еднаш повтори дека недела ќе биде неработен ден, а оние што ќе работат во недела ќе бидат соодветно платени и ќе добијат слободен ден.

Во интервју за ТВ Сител, Битиќи рече дека усогласувањето на конечното законско решение е при крај и дека исклучок од неработењето во недела ќе бидат 34 дејности.

„Имаме уште мали нијанси и сметам дека следната недела ќе ги прецизираме. Ќе има исклучоци – 34 дејности и дејностите кои се поврзани со основните дејности. Оние кои ќе работат во недела ќе треба да бидат платени според колективните договори потпишани во секоја гранка и да добијат дополнителен ден одмор”,

рече Битиќи.

Но, кои се тие дејности, засега не се открива во јавноста.

Трговија на големо VS трговија на мало: Што е „Сити мол“?

Синдикатот бара недела да биде неработен ден за сите освен за армијата, војска или фабрики кои не може да го прекинат производството. Онаму каде дејноста налага работа од 24 часа, од Синдикатите велат дека треба да се воведат дежурства, но тие вработени да добијат многу повисока дневница

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) имаат поинакво гледиште во врска со предлогот за прогласување на недела за неработен ден. Тие предлагаат недела да биде ден за одмор, а секоја работа во недела да се пресметува како прекувремена работа и да се исплаќа дневница зголемена за 50 отсто.

Министерот за економија, Крешник Бектеши во декември рече дека секторот туризам и угостителство треба да работи и во неделите, за да привлечат поголем број на туристи во земјава. Тој смета дека промени може да има во делот на големопродажбата од секторот трговија, но не и во малопродажбата.

Но од синдикатите велат дека ако државата им мисли добро на вработените, тогаш крајно време е да ја воведе неделата како неработен ден во области кои не се од егзистенцијално значење и прашуаат што е трговија на мало?

„Дали и ‘Сити мол’ е трговија на мало. Што нужно зло е да работи и ‘Сити мол’ и тие работници во недела? Ние бараме да работат оние без кои не може државата и тоа да им се плати со повисока дневница. Но, има и многу злоупотреби во чевларската, кожарската индустрија, во градежништвото и особено во трговијата, нема да пропадне ништо ако тие вработени се тој ден дома со семејството, тој ден да си се одмори работникот, а не да му биде нему недела во вторник или среда кога ништо не може да заврши”,

вели Иван Пешевски од Синдикатот за градежништво за Радио Слободна Европа.

Воведувањето на неработна недела уште во јануари лани побараа од невладината организација „Гласен Текстилец“ поради многу поплаки за прекувремена работа или неплатен труд на вработените особено во текстилната индустрија, моловите и градежништвото. Ставот на оваа организација е недела да биде неработен ден и за вработените во приватниот сектор во делот на текстилната индустрија и трговијата да биде затворена во недела.