Скандал во Германија: Пратеник од партијата на Меркел заработил 250.000 евра од маски

566

Според тврдењата на германските медиуми, тој од трговија на заштитни маски заработил 250.000 евра.

Германскиот пратеник од партијата на германската канцеларка Ангела Меркел, Николас Лебел, денеска изјавил дека веднаш ќе се повлече од националниот парламент поради тоа што примил мито за посредување при набавка на маски за локалните власти.

“За да спречам понатамошна штета за својата партија, се повлекувам од Бундестагот”, навел Лебел во соопштението, инаку член на Христијанско-демократската унија (CDU), јавува “Reuters”.

Лебел се нашол на удар на критики откако вчера рекол дека ќе поднесе оставка од пратеничкиот клуб на “CDU”, но дека ќе го задржи своето место во Долниот дом на парламентот до општите избори во септември.

Тој најавил дека ја напушта политиката, бидејќи било откриено дека неговата приватна компанија на самиот почетокот на пандемијата на коронавирусот остварила профит од трговија со маски, пренесува “Tanjug”.

Критиките дошле од опозициските партии, но и од неговата, откако било обелоденето дека неговата приватна компанија заработила 250.000 евра од тргување со маски.

Овој скандал предизвикал остри критики и во покраината Баден-Виртемберг, од каде потекнува пратеникот Лебел.

Сузан Ајзенман, партиска колешка на Лебел и кандидатка за претседател на покраинската влада, за “Spiegel” изјавила дека е неприфатливо еден пратеник во парламентот да се богати во текот на сериозна криза.