ФИЛИПЧЕ: НЕМА НИШТО НЕРЕГУЛАРНО ПРИ НАБАВКАТА НА КИНЕСКИТЕ ВАКЦИНИ

495

Два принципи имаме како и секогаш кога станува збор за вакви набавки, а тоа се внимателност и регуларност. Апсолутно ги отфрлам сите обвинувања кои овие денови ги имаше во дел од медиумите дека станува збор за некакви нерегуларни, незаконски постапки, дека станува збор за некакви провизии. Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, во врска со набавката на кинеските вакцини.

– Жал ми е што тоа сето излегува во медиуми кои се блиски до опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, еве нивните сајтови и тоа што излезе во италијанскиот исто така близок до нив „Ла верита“ се документи кои ние сме испратиле до навистина многу компании со цел да добиеме што повеќе информации за можностите за набавка на вакцините. И во таа смисла и ова конкретно за 200 илјади кинески вакцини од компанијата „Синофарм“ се прави по истите принципи на деталите, рече Филипче и ги презентираше деталите.

После иницијалните обиди да направиме директен контакт со фабриката во што не успеавме, појасни, побаравме помош од некои наши кинески компании тука во земјава активни што работат „Пауер Чајна“, понатаму „Синохидро“ кои ни укажаа на некои компании кои може да не спојат и тоа даде резултат.

– За време на тие разговори во меѓувреме беше потпишан договор, се вклучи и нашата Амбасада во Кина која за тоа го извести и тамошното МНР од каде ни укажаа дека тоа не е патот по кој треба да одиме и дека треба да го пратиме оној регуларен пат по кој на почеток се обидовме, но за жал немаше резултати и заради тоа сакајќи да ја целата постапка забрзаме најдовме еден алтернативен начин. Не станува збор апсолутно за ништо незаконски, за ништо нерегуларно. Не станува збор за некакви провизии и за било што за што овие денови ме обвинува опозицијата, потенцира Филипче.