Елмас сезонава има само три настапи како стартер во Серија А, а повеќе шанса во првиот тим добиваше во Купот на Италија и во Лига Европа, па медиумите веќе подолго време го поставуваат прашањето дали македонскиот репрезентативец е вистинска инвестиција за иднината (има договор до 2025 година) или е утка на управата и Карло Анчелоти, на чие инсистирање дојде?
Еден жесток навивач од тифо-групата на наполитанците, директно бил вклучен во радио програма на познатиот новинар од Неапол, Паоло Дел Генио, па жестоко распукал по Гатузо, посочувајќи го како директен виновник за уништувањето на Елмас. Навивачот на Наполи пренел став на најголемиот број на ултраси, кои не може да дојдат на стадион во периодов со коронавирусот, поради заклучените стадиони.
„Гатузо уништува два исклучителни бисери и навистина не ми е јасно. Првиот е Алекс Мерет, вториот е Елиф Елмас. Мерет е голман чиј талент воопшто не е спорен, а изминатиов период е во ‘втор план’ во однос на Давид Оспина. Зошто е тоа така? Тоа не е во интерес на италијанскиот фудбал, зашто не оставаме ништо во наследството на италијанскиот фудбал? Вториот фудбалер што Гатузо го уништува е Елмас. Како тоа не успева веќе подолго време да му ја најде позицијата? Никој од нас не успева да сфати која му е позицијата на Елмас, што Гатузо сака да направи со него“, вели навивачот.