По низа застрашувачки обвиненија на сметка на до скоро „доброто момче на Холивуд“ Арми Хамер, а што се однесува до неговите садистички и канибалистички желби, се огласила и девојката која тврди дека актерот ја силувал.
Актерот Арми Хамер е најпознат по улогата во филмот „Call Me by Your Name“ од 2017 година, а сега е под полициска истрага по тврдењата дека со часови силувал една девојка.
Глорија Олред, адвокатка на неименуваната 24-годишна жртва, ги контактирала надлежните, а истрагата е покрената на 3 февруари, пренесува „CNN“.
Наводната жртва која што американските медиуми ја нарекуваат Ефи, живее во Европа и била во повремена врска со актерот во периодот од 2016 до 2020 година. Медиумите пренесуваат дека Ефи го запознала Хамер преку социјалната мрежа Фејсбук и изјавила дека тој бил сè понасилен во текот на нивното запознавање, па во одреден момент ги преминал границите.
„Ме злоставуваше психички, емоционално и сексуално“, изјавила жртвата низ солзи.
Таа го обвинила актерот дека ја силувал на 24 април 2017 година, дека ѝ правел работи на кои што не се согласила и постојано ја удирал по стапалата така што не можела да оди неколку седмици.
„Мислев дека ќе ме убие“, изјавила Ефи, па додала дека живеела во страв. Тој наводно своето однесување го објаснувал како „изобличен облик на љубов“.
Адвокатот на Хамер ги отфрлил обвиненијата како „невидени“ и истакнал дека секој негов однос се случил со согласност, како и дека пораките меѓу Ефи и актерот ги побиваат сите нејзини тврдења.
Репутацијата на популарниот актер е несигурна, па на социјалната мрежа Инстаграм се појавиле „скриншотови“ од пораките кои што Хамер изминатите четири години им ги праќал на многубројни девојки и во кои што себеси се нарекувал канибал, им порачува дека сака да им ги отсече прстите, да пие крв…
Покрај тоа актерот фантазира за силување, насилство, дека една од девојките со која што се допишувал сакал да му биде робинка и дека изразува садистички желби.
„Јас сум 100% канибал. Сакам да те изедам. Не е лесно да се признае тоа, никогаш претходно не сум го кажал тоа“, ѝ напишал актерот на некоја девојка.
Тој по овој скандал се откажа и од улогата во филмот кој што требаше да го снима со Џенифер Лопез.