Најновите податоци покажуваат дека Моамер Гадафи во текот на воените случувања во Либија водел тајни преговори кои можеле да му го спасат животот.
Британскиот весник “The Independent” наведува дека преговорите од 2011-та година можеле да го приближат светот до мирно решение на либиската криза, нагласувајќи дека двете страни во преговорите, владата и опозицијата, се согласиле околу предлогот со кој се предвидувало Гадафи, кој владеел со Либија 42 години, да се откаже од власта и да ја напушти политиката, под услов институциите да продолжат со работа.
Весникот известува дека преговорите пропаднале, што на крајот довело до фаќање и погубување на Гадафи од страна на бунтовничките борци во близина на крајбрежниот град Сирт.
Поранешниот норвешки министер за надворешни работи, Јонас Сторе, кој посредувал во преговорите, ги обвинил Франција и Британија дека се противеле на преговарачко решение и рекол дека “чувствувал дека начинот на размислување во Лондон и Париз немал простор за дипломатско решение”.
“Доколку во меѓународната заедница постоеше подготвеност по дипломатски пат да се тргне со одреден авторитет и посветеност, верувам дека би можело да има простор за постигнување на помалку драматичен исход и избегнување на пропаста на либиската држава”, продолжил тој.
Сторе, кој сега е лидер на опозициската Лабуристичка партија во Норвешка, во интервју за весникот рекол дека тогашната американска државна секретарка Хилари Клинтон била заинтересирана за преговори, но Франција и Британија не биле заинтересирани.
“Ако постоеше волја тоа да се направи, можеше да се создаде некој вид на прекин на огнот во воената кампања кој на дипломатите би им овозможил решавање на проблемот”, рекол Сторе.
“Но воената операција траеше веќе осум недели, динамиката на теренот се менуваше и да бидеме искрени, желба за таков состанок и таков процес немаше”, нагласил тој.
Сторе додал дека двајца високи норвешки службеници биле во претседателската палата во Триполи со Саиф Ал Ислам, кога во Њујорк била издадена резолуција на ОН и дека било неопходно да побрзаат и да ја напуштат Либија преку границата со Тунис, бидејќи тоа бил датумот на првиот НАТО удар на Либија.