Хорор во Колорадо: Десет лица изрешетани во престрелка во супермаркет

679

Десет лица, меѓу кои и еден полицаец се убиени во вооружен напад во Колорадо, а осомничениот напаѓач е уапсен.

Бројот на жртвите го соопшти шефот на локалната полиција Марис Херолд. Полицајците го извеле осомничениот од супермаркетот со лисици на рацете, а од полицијата не соопштија кој бил мотивот за нападот.

До вооружениот напад дошло во продавницата „Кинг Суперс“ во Болдер, град на околу 40 километри северозападно од Денвер.

„Ова е трагедија и кошмар за округот Болдер. Добивме соработка и поддршка од локалните, државните и федералните власти“, изјави обвинителот Мајкл Доерти непосредно после нападот.

Голем број на полицајци и специјалци биле распоредени пред супермаркетот, а најмалку три хеликоптери слетале на покривот на објектот. Набрзо потоа, преку разглас полицијата го известила напаѓачот дека е опколен и треба да се предаде.

Гувернерот на Колорадо, Џаред Полис на „Твитер“ напиша дека „срцето му е скршено“ додека ги следи „незамисливите сцени во Болдер“, додека од ФБИ се огласија и соопштија дека нивните оперативци помагаат во истрагата по барање на локалната полиција.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки ја извести јавноста дека и претседателот на САД, Џо Бајден е известен за вооружениот напад во Болдер.

Инаку, ова е втор ваков вооружен напад во САД во последната седмица, по вооружениот напад во салон за масажа во Атланта во кој минатиот вторник беа убиени осум лица, меѓу кои шест жени со азиско потекло.