Почетна Живот Направени се живи роботи од клетки од жаба, што може да чувствуваат...

Направени се живи роботи од клетки од жаба, што може да чувствуваат (ВИДЕО)

825
Научниците создале микроскопски живи роботи од клетки на кожата на жаба, кои можат да се лекуваат и да се хранат.

Ксеноботи, именувани по африканската жаба (Xenopus laevis) од чии ќелии се направени, за првпат биле претставени во јавноста минатата година кога е објавено дека можат самостојно да се обноват. Сега нивните креатори го подобрија дизајнот и ги покажаа нејзините нови способности.

Овие машини се помали од милиметар и се доволно мали за да патуваат низ човечкото тело. Тие можат да одат и да пливаат, да преживеат со денови без храна и да работат во групи.

Тоа е „целосно нова форма на живот“, рекоа научниците од Универзитетот во Вермонт во 2020 година, кои ги создадоа овие необични роботи со експертите од Универзитетот Тафтс.

Научниците зеле матични клетки од ембриони на жаби и ги ставиле во инкубација. Потоа, ги исекле и ги преобликувале клетките во посебни „форми на тело“, дизајнирани од супер компјутер, односно во форми кои „никогаш порано не постоеле во природата“.

Новоформираните клетки тогаш почнале да функционираат независно. Клетките на кожата се врзуваат заедно и ја формираат структурата на роботот, додека пулсирачките клетки на срцевиот мускул дозволуваат машината да се движи самостојно.

Ксеноботите исто така имаат способност да се лекуваат. Кога научниците исекле еден од нив, тој се излекувал и продолжил да се движи.

„Ова е нова форма на живи машини“, рече компјутерскиот научник Џошуа Бонгард од Универзитетот во Вермонт.

“Не припаѓа ниту на традиционалните роботи ниту на познати животински видови. Тоа е целосно нова категорија: жив организам што може да се програмира”, додаде тој.

Оригиналната верзија на овие роботи се поместува со пулсирање на срцевите мускули, а сегашната се движи уште побрзо, со формации слични на влакна што се на нивната површина.

Поновите ксеноботи живеат меѓу три и седум дена подолго од нивните претходници, кои живееле околу една недела и имаат можност да ја почувствуваат својата околина до одреден степен. Имено, кога ќе бидат изложени на сина светлина, тие ја менуваат бојата и стануваат црвеникави.

Бидејќи се создадени од животински клетки, ксеноботите се распаѓаат на крајот на животот и се целосно биоразградливи, изјави научникот Даглас Блекистон од Универзитетот Тафтс, кој верува дека затоа ќе може да има биомедицинска и еколошка примена.

За време на претходните обиди за создавање живи роботи, како што се далечински контролирани лебарки, експертите манипулирале со живи суштества, што имало некои етички проблеми. Ксеноботите се разликуваат во тој поглед, бидејќи тие се целосно составени само од живи клетки, пишува New Scientist.

“Овој пристап е најмалку етички проблематичен. Сè започнува со клетки кои немаат неврони, па затоа не е животно”, изјави биороботичарот Ауке Ијспеперт од Швајцарскиот федерален институт за технологија.

Ксеноботи потенцијално може да се користат за различни задачи; да се исчисти радиоактивен отпад, да се собере микропластика од океаните, да се однесат лекови внатре во човечкото тело, па дури и да се исчистат наслагите во артериите. Имено, овие ситни машини можат да преживеат со денови или недели во течност без дополнителни хранливи материи, што ги прави погодни за интракорпорална испорака на лекови.

Покрај тоа, научниците би можеле да ги користат ксеноботите за да дознаат повеќе за принципите на клеточната биологија, што ќе придонесе за напредок во иднина во знаењето за здравјето на луѓето и тајните на долговечноста.

За оние кои во овој изум препознаваат сценарио од апокалиптични научно-фантастични филмови каде интелигентни роботи ја преземаат контролата над светот и предизвикуваат крај на човештвото – нема причина да се грижат.

Овие мали организми се создадени со сопствен резервоар на храна, липиди и протеини, што им овозможува да живеат само до две недели, но тие не можат да се размножуваат или да се развиваат.

Студијата наречена A cellular platform for the development of synthetic living machines е објавена во списанието Science Robotics.