Поранешниот словенечки претседателски кандидат и заговорник за независна штајерска држава, Андреј Шишко, пред словенечките медиуми се претстави како лидер на „Штајерската гарда“ и најави нереди во Словенија.
Словенските ултрадесничари кои што се претставуваат како припадници на таканаречената „Штајерска гарда“, на социјалните мрежи објавија фотографии и видео снимки од воената обука која што засега се одвива на непозната локација во шума во Словенија.
На снимката се гледаа построени и маскирани мажи, а на социјалните мрежи од оваа паравоена групација порачаа дека се обучуваат за пресметка со муслиманите и левичарите. Од „Штајерската гарда“ најавија „жешка есен“ и демонстрации кои што „Словенија ќе ја претворат во Венецуела“.
Оваа вест први ја пренесоа од словенечкиот портал “24ur” и иако на почетокот никој не веруваше во ова, се чини дека паравоените групации се реалност. Тоа го потврди и поранешниот претседателски кандидат Андреј Шишко кој што ѝ е добро познат на словенечката јавност.
Шишко е познат заговорник на независна штајерска држава и тој откри дека Штајерската гарда била основана на 24-ти јуни минатата година.
“24ur” пренесува дека од словенечката полиција засега се немаат огласено во врска со видео снимките и фотографиите од паравоената единица. Инаку, припадниците на оваа паравоена формација би можеле да добијат затворска казна од три до пет години.