Британскиот пар Ребека Робертс и Рис Вивер една година се обидувале да добијат дете, а потоа среќата конечно им се насмевнала.
Првите снимки од ултразвукот направени во 7-та недела од бременоста покажале како малиот Ноа одлично напредува во мајчината утроба, но по 3 месеци, Ноа изненадно добил друштво – ултразвукот во 12-та недела од бременоста покажал дека Ребека носи и ќерка.
„Останав бремена додека бев бремена, што е апсолутно лудо бидејќи тоа не требаше да се случи“, изјавила таа за „CNN“.
Станува збор за суперфетација, а едно истражување од 2008 година открива дека се забележани помалку од 10 случаи од овој медицински феномен во светот. Лекарите на британскиот пар му кажале дека бебињата се зачнати во временски период од 3 недели.
„Не можев да верувам дека тоа нѝ се случи. Но, се случи и прекрасно е. Тоа е како добивка на лотарија“, додала Ребека.
Дека станува збор за многу редок феномен, потврдува и гинекологот д-р Лилијан Шапиро, додавајќи дека за тоа постојат низа причини. Што се однесува до случајот на Ребека, појаснила дека јајце клетката била оплодена во текот на првата овулација и „некако повторно овулирала во текот на истиот тој циклус“.
Близнаците Ноа и Росалија се родени во септември 2020 година со царски рез. Девојчето тежело нешто повеќе од 1 килограм додека Ноа бил тежок 1,8 килограми. И двајцата биле ставени на одделение за интензивно лекување на неонатологија каде Росалија поминала 95 дена. И денес, кога имаат 7 месеци, Ноа е прилично поголем од својата сестра.
„Беше многу малечка, но таа е војник кој веќе има свој карактер. Воопшто не се грижам за неа“, вели гордиот татко за „CNN“.