Крајот на изминатата недела донесе „бомба“ која долго време се шпекулираше дека ќе биде активирана. Најавена е Суперлига од најбогатите европски клубови, која ќе брои 15 основачи и пет дополнителни учесници, кои ќе добиваат шанса пред квалификации.
Флорентино Перез е на чело на новото натпреварување кое се планира да започне во август оваа година. За учеството сите клубови ќе добијат импресивни 350 милиони, што е далеку повеќе од нивните моментални приходи од европските купови.
Британската Влада сериозно размислува да стави „стоп“ на одлуката премиерлигашите да бидат дел од овој нов формат во европскиот клупски фудбал. Според некои информации, се планира т.н „Германски пакет“, кој подразбира 50+1% сопственост кај навивачите во сите клубови. Тоа ќе ги ограничи големите инвеститори да немаат повеќе од 49% акции во клубовите.
Ова правило се очекува да ги спречи приватните инвеститори да купуваат клубови и да форсираат одлуки што се спротивни на желбите на навивачите. Тоа е една од главните причини поради која ниту една германска екипа не го прифати предлогот да биде дел од лигата.
Извршниот комитет на УЕФА денес ќе има итен состанок во Монтеу и ќе разговара за следните чекори кои ќе се преземат да се спречи имплементација на проектот наречен Суперлига.