Фајзер развива пилула против коронавирус: „Би можела да спречи развој на тежок облик на болеста и засекогаш да нè спаси од локдауни“

609

Пилулата за спречување на Ковид-19 би можела да биде достапна до крајот на годината, ако бидат успешни испитувањата врз луѓе во САД и Белгија, пренесува „Daily Mail“.

„Моментално нема други лекови освен вакцина, кои би можеле да спречат луѓето да развиваат тешки облици на Ковид-19, но ако се открие барем еден, тоа би можело да значи дека засекогаш ќе ставиме крај на локдауните“, вели професорот Кевин Блајт од Универзитетот Глазгов.

Фајзер, компанијата која стои зад една од вакцините, веќе започнала експериментално тестирање врз луѓе. Антивирусниот лек наречен „PF-07321332“ би можел да им се дава на лица кои покажуваат рани симптоми на инфекција, со цел да се спречи развој на тежок облик на болеста.

И покрај тоа што повеќето луѓе ширум светот веќе примија вакцина против коронавирус, таа сè уште не е 100 отсто ефикасна, а со тоа што некои луѓе не можат ни да ја примат, значи дека коронавирусот ќе продолжи да се шири и би можел да биде опасен и за незаштитените.

Идејата е овие пилули да спречат тешки инфекции кај луѓето кои не се вакцинирани или би можеле да бидат втора линија на одбрана во случај да се појави нов сој на имунорезистентниот вирус.

Во првата фаза од тестирањето на лекот моментално се вклучени околу 60 лица, а се очекува истата да заврши до 25-ти мај. Ако по оваа фаза се утврди дека лекот е безбеден, ќе се направат пошироки испитувања со повеќе лица за да се утврди дека тој навистина го спречува коронавирусот, како што покажале лабораториските тестови.

Компанијата Фајзер не пронашла никакви нуспојави во текот на испитувањата врз животни, а во тек се и истражувања како лекот ќе влијае врз здравите лица.

Инаку, овој лек припаѓа на видот наречен „протеаза инхибитори“, а слични лекови веќе се користат за спречување на вируси како ХИВ и хепатитис Ц.

„The Telegraph“ потврдува дека лекот „PF-07321332“ би можел да биде лансиран на пазарот до крајот на оваа година, пренесува „Daily Mail“.