Филипче: По британскиот сој не е детектирана друга мутација на вирусот

655

Во земјава се смирува епидемиолошката состојба со ковид-19 и по британскиот сој не е детектирана друга карактеристична форма на мутација на вирусот, изјави  министерот за здравство Венко Филипче, апелирајќи во пресрет на велигденските празници граѓаните да бидат совесни и да ги почитуваат мерките.

Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека освен британската, кај нас не е детектирана друга мутација на вирусот.

„Меѓутоа, ако некоја друга мутација е проширена во европските земји, тешко ќе може да се спречи. И затоа повторно во прв план говориме за одговорноста на граѓаните, каква и да е мутацијата, колку и да е пренослив тој сој на вирусот, доколку се почитуваат мерките можни се добри резултати во спречување на ширењето. Во таа смисла нагласувам дека не е детектирана кај нас друга форма, освен британска, а тоа го покажуваат и последните анализи. Како и да е, остануваме на сегашните мерки, рече Филипче.

Во пресрет на велигденските празници и потоа на муслиманските празнувања, Филипче, потсети на средбите со верските лидери и на нивните апели и самиот ги повика граѓаните на голема внимателност .

„Тоа што сега се случува оди во насока на смирување на епидемиолошката ситуација, а можност за прекршување на мерките и препораките имаше и досега, има и натаму. При посетите во верски објекти, за време на масовните собирања можни се создавања на нови кластери на заразата. Мора сите да бидат свесни колку е важна личната и колективната одговорност и почитувањето на мерките и протоколите“, рече Филипче.

Според него, граѓаните мора да се свесни што треба, но и што не треба да се прави со цел епидемијата да почне да згаснува.

„Верските храмови, црвките и џамиите се отворени и ако секој не се придржува на мерките, се изложува на ризик да се разболи. Владата избира меѓу тешки рестрикции и целосно отворање или нешто помеѓу, но потребно е да се вклучат граѓаните со свои одговорни постапки и однесување. Во тоа е суштината“, рече Филипче.