Ангелов: Хеликоптерите немаше потреба да интервенираат во Галичник

995

Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи, денеска информираше дека целосно е изгаснат пожарот што избувна завчера над село Галичник и дека двата хеликоптери кои што се упатиле немало потреба да интервенираат. Во меѓувреме екипа на полицијата денеска врши увид и ги утврдува причините.

-Рано утрово два армиски хеликоптера го надлетаа местото на пожарот за доколку има потреба да интервенираат, но бидејќи пожарот е изгаснат тие се вратија во нивната база, но се на готовност доколку дојде до реактивирање на пожарот брзо да дојдат и да го изгаснат, изјави Ангелов.

Тој се заблагодари до сите кои помогнаа во гаснењето, од системот за управување со кризи, противпожарните единици и до граѓаните. Со пожарот беше зафатена борова шума на непристапен терен и заради засилениот ветар претставуваше потенцијална опасност за селото Галичник.