Екипата на Милан му одржа фудбалска лекција на Јувентус среде Торино (0-3) и ја направи битката за Лигата на шампионите супер-интересна, затоа што „бјанконерите“ сега се петти, на три кола пред финишот на Серија А.
- Извештај од натпреварот:
Италијанскиот првак во заминување важеше за фаворит на хартија, ама Андреа Пирло потфрли во уште еден голем натпревар и учеството во елитата на Јувентус следната сезона е доведено под знак прашалник. Милан беше феноменален, Пиоли ја погоди тактиката и сите потези му беа перфектни, па неговиот тим му даде три парчиња на Јувентус, а она што ги изненади сите беше индиспонираниот Кристијано Роналдо, кој беше „невидлив“ на дуелот во Торино и имаше само една шанса.
Средбата на „Јувентус Алијанс Стадиум“ почна со многу голема нервоза и грешки на средината на теренот. И Јувентус и Милан тешко се спојуваа со топка, а исто така имаше и прекршоци и доста грубости. Повеќе шанси имаше Јувентус, но обидите завршија во блоковите, додека Милан имаше две, а една од нив беше сериозна, можеби најссериозна од сите, кога во 44. минута Тео Хернандез се обиде, ама Шчешни одбрани.

Кога сите чекаа крај на првиот дел, Брахим Диаз налета на еден отпадок во шеснаесетникот, си создаде простор и биеше во горнииот дел од голот на Јувентус. Иако се прегледуваше голот со ВАР поради можна игра со рака, сепак, не беше поништен. По паузата, Бентакур се закани за Јувентус, ама Донарума го прочита, за потоа во 56. минута Милан да добие пенал поради игра со рака на Кјелини, ама казната не ја реализира Кеси затоа што Шчешни одбрани.

Во 65. минута од мечот Роналдо го имаше првиот шут кон голот на Милан. Но, беше далеку од реализација. Настана мал проблем за „росонерите“ затоа што се повреди Златан Ибрахимовиќ, ама неговите соиграчи како да играа за Швеѓанецот, па го разбија Јувентус. Прво нововлезениот Ребиќ во 78. минута постигна ефектен гол за 0-2, а потоа стрелаше и Томори, во 82. минута, за конечни 0-3. До финишот домашните имаа шанси да го намалат резултатот и да дадат гол во мрежата на Донарума, ама обидите на Дибала завршија далеку од мрежата.
Милан во следното 36. коло гостува кај Торино, додека Јувентус го чека гостување кај расположениот Сасуоло.