Фудбалерите на Виљареал ја освоија првата голема европска титула, откако беа подобри од Манчестер Јунајтед по пенал рулетот 1-1 ( 11-10 пен.) , во финалето на Лигата на Европа. Морено прв донесе предност за „жолтата подморница“ уште во првиот дел, а Јунајтед се врати преку Кавани во вториот. Иако „ѓаволите“ имаа уште неколку шанси, не успеаја да постигнат гол, па Виљареал слави по казнените удари. Ова е најголем клупски успех во Европа уште од освојувањето на двата трофеи во Интертото купот.
- Извештај од натпреварот:
Унаи Емери и Оле Гунар Солскјер ги поставија своите екипи претпазливо, не сакаа да ризикуваат премногу и се играше на средината од теренот. Јунајтед беше за нијанса поконкретен, ама голот на Рули беше незагрозен. Првиот подолг прекин се случи во осмата минута, кога Хуан Фојт крвареше и мораше да му се укаже помош.

„Ѓаволите“ сакаа да се наметнат, ама расположениот ривал не им дозволи такво нешто. Прва капитулираше одбраната на Јунајтед, откако во 29. минута Жерар Морено успеа да го отвори резултатот (0-1). По центаршут од слободен удар кој го упати Парехо, напаѓачот на „жолтата подморница“ се најде на вистинското место и го матира Де Хеа.

До полувремето резултатски промени немаше, играта се менуваше пред едниот и другиот погодок, а ниту една екипа не успеа да направи шанса која вреди да се издвои. Шпанците покажаа зрелост, ја одбранија предноста и на потег беше Јунајтед.

Како што се очекуваше, така беше и во реалноста, па момците на Солскјер многу посмело го отворија второто полувреме. Виљареал беше притиснат, а тоа резултира со погодок на Единсон Кавани за 1-1 во 55. минута. Лук Шо изведе корнер од левата страна, па по мешаницата во шеснаесетникот искусниот голгетер успеа да го совлада Рули за израмнување и враќање на Јунајтед во игра за трофејот.
„На крилја“ на израмнувањето, англичаните лесно можеа да дојдат до целосен пресврт веќе во следната акција, но ударот на Фернандеш заврши крај голот. Ниту потоа, англискиот состав не отстапи од офанзивата, па пред голот на Рули имаше уште неколку опасни моменти. Најблизу до пресврт беше Кавани кој со глава од непосредна близина погоди во блокот, а неверојатен зицер промаши Рашфорд, ама и да погодеше се наоѓаше во офсајд. На спротивната страна, Виљареал покажа дека е „жив“ преку Пау Торес во судиското продолжение, но мечот прејде во продолженија.

Во продолженијата двете екипи играа претпазливо, не сакаа да ризикуваат и резултатски промени немаше. По многуте промени и само неколку опасни акции на двете страни, најголемо возбудување беше моментот кога Фред играше со рака во шеснаесетникот, ама пенал не беше досуден. Мечот влезе во изведување на казнени удари.

Пенал рулетот беше неверојатен, се шутираа дури единаесет серии, без ниту еден промашен пенал, а трагичар на крајот беше Давид Де Хеа кој не го совлада Рули.