Ова беззаконие веќе не може да се трпи. Мора нешто да се прави. Мора да си ја вратиме општина Маврово и да преземеме мерки против урбанистичкиот хаос, непочитувањето на стандардите, загадувањето на езерото, исчезнувањето на рибата од Мавровското Езеро, нефункционирањето на комуналните служби, неконтролираната сеча на шумите…, велат жителите на мавровските села Маврово, Леуново, Никифорово и населбата Маврови Анови.
Последното што ја прели чашата на незадоволството на мавровчани е најавата за наводна изградба на џамија пред влезот во Маврови Анови, на парцела каде што одамна е истечена дозволата за градба. Тоа не смее да се дозволи, во еден глас рекоа мавровчани на неодамнешниот собир во просториите на некогашната општина Маврово и тука беше за првпат најавен можниот бојкот на локалните избори.

Во Општината Маврово-Ростуше веќе одамна работите не функционираат како што треба. Оваа година ретко кога се чистеше ѓубрето околу езерото, па дел од сопствениците на викендиците сами собираа средства за ангажирање на работници и камиони за празнење на кантите за ѓубре и покрај брегот на езерото. Сѐ почесто снемува вода и струја по куќите.
Локалното население, заедно со „викендашите“ одамна предупредуваат на тоа дека голем дел од хотелите и угостителските објекти околу езерото отпадните води ги испуштаат директно во езерото. Ретко кој хотел тука има пречистителна станица. А и тие што имаат се стари и не им функционираат.

И конечно пред еден месец Инспекторатот за животна средина и официјално го регистрира тоа на што јавноста укажуваше цела година и потврди дека хотелите Радика, Бистра, Спорт, Лодге и Алпине, помали погони, како на пример ЕуроЕдил, Новитет и Техно Блок, сите лоцирани во село Скудриње, немаат пречистителни станици или елаборати за заштита на животната средина. До крајот на март, изјавија тогаш од инспекторатот, ќе се изврши надзор врз сите правни субјекти и ќе се преземат мерки за корекција на неправилностите. Информациите од овој надзор сѐ уште се чекаат.
Целиот текст можете да го прочитате на Мкд.мк.