Директорот на Американската вселенска агенција NASA, Бил Нелсон, во интервју за „CNN“ го коментирал неодамна објавениот извештај на Националната служба за НЛО и изјавил дека не верува дека сме „целосно сами“ во вселената.
Поранешниот сенатор на Флорида и еден од двајцата конгресмени кој летал во вселената, Бил Нелсон, од месец март се наоѓа на чело на Американската вселенска агенција NASA.
Тој во интервју за „CNN“ изјавил:
„Дали сме сами? Лично мислам дека не сме. Вселената е толку голема. Настанала пред 13 и пол милијарди години. Тоа е многу време. Но, луѓето се „гладни“ за вакви информации, а ние ќе продолжиме да ги бараме“, навел Нелсон.

Во споменатиот извештај забележани биле 144 неидентификувани воздушни појави за кои нема конкретни објаснувања.
„Врз основа на нашите анализи, доколку некогаш и некои поединечни инциденти со НЛО појави бидат решени, тие ќе се најдат во една од петте категории: воздушна појава, природен атмосферски феномен, американска напредна развојна програма, странски напредни системи насочени против САД, и петто – „корпа“ во која се сместуваат сите други појави“, објаснил Нелсон.
Тој признал и дека нема сознание за тоа што пилотите виделе:
„Пилотите нешто виделе, следеле објекти, ги следеле со радари. Тие објекти одненадеж се преместувале од место на место, а извештајот кажува дека имало над 140 такви објекти“, вели тој.

На прашањето на „CNN“ што мисли тој за летечките феномени, Нелсон навел дека пред три години лично разговарал со пилотите кои имале средба со НЛО и дека смета дека тука „има нешто“.
„Во случај да не се во прашање вонземјански летечки објекти, тогаш станува збор за напредна технологија на странски сили, што во САД треба да нè загрижи. Според досега расположливите информации, другите земји не би требале да имаат таква напредна технологија“, изјавил директорот на NASA.
„Кога станува збор за вселената, запомнете – вселената е толку голема“, заклучил тој.