Италијанците, Шпанците и Данците бесни, на „Вембли“ само домашни навивачи

673

Последните три натпревари на Европското првенство (ЕП) ќе се играат без присуство на навивачи од Шпанија, Италија и Данска. Поточно, само Англичаните и претставниците на УЕФА можат да влезат на легендарниот стадион, потег на УЕФА што ја налути фудбалската јавност. Новинарите и навивачите се бесни, многумина веруваат дека регуларноста на самиот турнир е многу нарушена бидејќи Англија ќе биде единствената што ќе има поддршка од трибините.

Во понеделникот, УЕФА донесе одлука дека поради тешката пандемиска состојба во Англија, последните три натпревари на турнирот, што ќе се одржат на стадионот „Вембли“, ќе бидат достапни само за жителите на Велика Британија. Навивачите од Шпанија, Италија и Данска нема да смеат да влезат на стадионот. Секако, станува збор за обични навивачи, бидејќи ова не важи за оние со ВИП билети.

Британската влада направи исклучок за група од 2.500 луѓе (политичари, вработени во УЕФА и ФИФА, разни специјални гости) затоа што УЕФА се закани дека ќе го премести финалето од Лондон во Будимпешта, каде што натпреварите се играат пред полни трибини.

На социјалните мрежи има голем број постови насочени против оваа одлука, но веќе е доцна и сигурно до почетокот на натпреварите нема ништо да се промени. Вечерва, полуфиналната серија ја отвораат Шпанија и Италија, додека утре ќе се судрат Англија и Данска.