“Каде се жените?” е прашањето кое сите го поставуваат после фотографијата од авионот

709

Фотографијата од авионот кој пренесувал 600 мигранти од Кабул до Катар стана вирална ширум светот, а поголемиот дел од луѓето на социјалните мрежи прашуваат – каде се жените?

Авионот C-17 Глобмастер III од американското воздухопловство во неделата доцна вечер евакуираше околу 640 Авганистанци од Кабул, се наведува во податоците на американската одбрана.

Исто така, на социјалните мрежи се појави фотографија од внатрешноста на авионот после драматичното евакуирање на граѓаните. Може да се забележи натрупаноста во авионот, а и тоа дека речиси сите бегалци се мажи.

За овој фактор се коментирало и на социјалните мрежи, а најчестите коментари биле:

“Дали една жена успеа да влезе?; Требаше да има поголем процент на жени и деца; Разочарувачки е ова што го гледам, има само неколку жени и деца!; Каде се жените и децата? Ова се здрави и способни мажи кои можат да се борат за да си ја вратат земјата!”.

Што треба сега да очекуваат жените во Авганистан?

Како што пишува Дојче Веле, иако Талибанците тврдат дека сакаат “мирно преземање” на власта, многу Авганистанки пријавиле насилство во последните денови. Бегаат од своите домови, се плашат од убиства и присилен брак.

Една жена рекла дека постојат гласини дека Талибанците ќе ги земат девојките со себе и дека ќе ги убијат младите кои имаат тетоважи.

Друга која носела бурка и сакала да остане анонимна рекла дека 12 годишно девојче било силувано, а потоа исфрлено во река.

Една студентка пак за порталот Гардијан рекла дека козметичкиот салон кој го посетувала бил целосно уништен, а за тоа сведочат и фотографиите на социјалните мрежи на кои се гледа како излозите со жени се бојадисуваат во бело.

Исто така, некогашната новинарка на Би Би Си во Кабул, стипендист на Универзитетот Линколн во Небраска, за Вашингтон рекла дека нејзиниот најголем кошмар се остварил и дека нејзината сестра не успеала да побегне од Кабул.

“Во неделата мојата сестра која исто така е новинарка ги собра своите службени документи за да пронајде излез од Авганистан. Но, кога отишла до банка за да подигне пари, немало ништо. Тогаш луѓето почнале да бегаат извикувајќи “Талибанците се тука!”. Здогледала автомобили со луѓе кои држеле црно-бели знамиња. Со пасошот одлучила да побрза на аеродром, некој ѝ ветил дека ќе ѝ помогне да побегне. Но, никогаш не успеа – патот ѝ бил блокиран во големата гужва во сообраќајот. А, летот на кој требаше да се качи никогаш не полета, бидејќи САД ги стопираше сите летови за прво да го евакуира американските војници”, раскажа таа.

“Уште еден член од семејството кој се обиде да побегне, не успеа. Пријателот пристигна до аеродромот барајќи сигурен премин, но останал заглавен, со уште илјадници луѓе. Постојат извештаи кои покажуваат дека американските сили пукале во воздух за да ги спречат луѓето да се качат на летовите наменети за американските дипломати и вработените од амбасадата”, додава изворот.

Таа исто така раскажа дека ѝ рекла на својата сестра да ја уништи личната карта и да ја уништи својата гитара, бидејќи Талибанците не дозволуваат жените да се занимаваат со музика па можат да ја убијат.

“Ми рече дека не може тоа да го направи, но јас ја заколнав дека мора”.

Кабул падна на 15 август во рацете на Талибанците. Овој пад создаде паника, бидејќи илјадници жители морале да побегнат. Многумина заминале на аеродром, каде западните земји организираат евакуација на своите државјани.

Американското знаме било повлечено на 16 август рано наутро. Аеродромот го обезбедува американска војска. Вашингтон и неговите сојузници ги повикуваат Талибанците да ги ослободат граѓаните кои сакаат да си заминат.