Највозбудливиот NBA натпревар рано сабајлево, се случи во “АT&T” центарот во Тексас, помеѓу Сан Антонио Спарс и Лос Анџелес Лејкерс. Гостите од “Ел Еј” имаа тешка задача да го освојат гостинскиот терен без својот лидер, Леброн Џејмс.
Во крајно неизвесен меч со многу промени на водството, регуларните 48 минути игра не беа доволни за да се реши победникот. Импресивното издание на поранешниот MVP, Расел Вестбрук, како и дабл-дабл учинокот на Ентони Дејвис, беа пресудни за нова победа на “езерџиите”. Вестбрук постигна 33 поени, 10 скокови и 8 асистенции, а Дејвис постигна 35 поени и 17 скокови кој беа клучни за освојување на гостинскиот терен, во продолжението од 5 минути.
Во дуелот помеѓу ривалите на Атлантската дивизија, Њу Јорк се судри со Филаделфија во “Медисон сквер гарден”. Тимот од “големото јаболко” по разочарувачкиот пораз од Орландо претходниот ден, успеа да се врати на победничките патеки.
Импресивната втора четвртина во која домаќините постигнаа 39 поени (а примија само 16) беше клучна за конечниот исход на натпреварот. “Никси” имаа пет играчи со двоцифрен број на поени, предводени од новите засилувања Кемба Вокер и Еван Фурние кој постигнаа по 19 поени и 18 поени, следени од Џулиус Рендл со 16 и Дерик Роус со 13 поени. Ова беше прва победа на Њу Јорк против Филаделфија по цели 15 натпревари, конечно прекинувајќи ја црната серија против тимот од Пенсилванија.
NBA FAN
Димитар Младеновски