Штипската болница никако да се доизгради, Банката на Советот на Европа најави повлекување на парите

972

Вќе пет години трае изградбата на новата клиничка болница во Штип, а вчера Министерството за здравство потврди дека Банката на Советот на Европа, која беше финансиер на изградбата најавила дека ќе се повлече.Причина за повлекувањето е непочитувањето на роковите, односно доцнење на изведбата на болницата. Во тек е и судски процес и блокада меѓу изведувачот грчката компанија  „Интракат” и првичниот подизведувач, градежната компанија „Бетон” од Штип.

„За жал затекнавме процес на изградба со нецелосен проект кој доведе до судски спор во кој Министерството за здравство не учествува, а со тоа и стопирање на изградбата на Клиничка болница Штип. Проектот се обидувавме да го корегираме. Во договор со Министерството за финансии изградбата ќе продолжи со друг финансиски извор, на што Министерството за финансии веќе работи, веднаш откако ќе се одглави процесот помеѓу изведувачот и првичниот подизведувач, односно ќе заврши спорот помеѓу овие две страни“, информираат од Министерството за здравство.

Од Банката на Советот на Европа известиле дека ќе бидат запрени преостанатите 13,43 милиони евра.

Болницата се гради од 2016 година, а досега чини 30 милиони евра. Досега се искористени 55 отсто од кредитот кој е одборен од Банката на Советот на Европа, а останатите 45 проценти за доизградба ќе се бараат од други финансиски извори.

Утрово со соопштение на ова реагираше и ВМРО-ДПМНЕ: „Европската банка ја констатира неспособноста и неодговорноста на власта на Заев коja од 2017-та година нема камен на камен ставено. Ако овој капитален здравствен објект беше изграден, со веќе одобрени европски пари, целиот источен регион ќе имаше современ здравствен капацитет кој ќе спасуваше животи и ќе овозможеше квалитетна нега на пациентите…. Европа очигледно видела дека власта има капацитет да ги топи парите или да ги злоупотребува европските средства за тренирање на магариња, па решила средствата да ги запре. Ова е меѓународна финансиска бламажа од која губат Македонија и граѓаните“.