Новото протекување на податоци за недвижнини во Дубаи откри имиња и детали за странски државјани, обвинети, осудени или осомничени за меѓународен криминал, кои поседуваат имот во Обединетите Арапски Емирати.
На деталната листа на која се наведени бројки на сопственици на имот во Дубаи и нивната вкупна вредност, се наоѓа и бројка од 45 македонски државјани, кои поседуваат 55 недвижности во вкупна вредност од 14 милиони долари, но не се објавени нивните имиња.
Протекувањето опфатило 800.000 имоти во сопственост на 274.000 поединци и компании од целиот свет. Репортерите открија дека многумина од личностите кои биле предмет на истрагата биле ставени под меѓународни санкции, осудени за злосторства или се под истрага. Останатите, богатство складирано во имотите во Дубаи не го пријавиле во своите матични земји и се чини дека го сокриле во нивните изјави за богатство, пишува „Пари.мк“.

Податоците биле добиени од Центарот за напредни одбранбени студии со седиште во Вашингтон, кој ги споделил своите наоди со Е24, норвешки медиум кој ја координираше истрагата за сцената со недвижнини во Дубаи. Над 20 други публикации, вклучително и OCCRP и многу негови центри членки, се приклучија на конзорциумот и работеа на откривање на криминалните фигури зад имотите со седиште во Дубаи.
Долго време познат како рај за незаконски финансиски зделки, даночно затајување и перење пари, Дубаи е врвна дестинација каде сомнителните ликови ги кријат своите пари преку недвижен имот.Врз основа на информации од јавен карактер, истрагата процени дека странците инвестирале над 145 милијарди долари на пазарот на домување во Дубаи.

Најголем број од лицата кои поседуваат имот се од руско потекло, вклучувајќи олигарси, политичари или јавни функционери, а потоа следат државјани на Европската Унија, а меѓу нив и неколку европски политичари и пратеници, обвинети за лошо управување со јавните фондови или за непријавување на целосниот обем на нивните приходи и имот. Една од значајните личности присутни во протекувањето е Руслан Баисаров, руски бизнисмен со блиски врски со Рамзан Кадиров, чеченскиот владетел и близок сојузник на Владимир Путин. Во протекувањето е присутен и Александар Бородај, кој стана „премиер“ на самопрогласениот украински регион Доњецк во 2014 година, кога Русија првпат ја нападна Украина.
Новинарите го следеа имотот на словачкиот бизнисмен Мирсолав Вибох, кој бега од обвиненија за корупција и се верува дека се крие во ОАЕ.

Од балканските простори, во истражувањето се наведени поименично двајца бугарски државјани кои се дел од листата: Ирена Крастева, сопственичка на медиуми во Бугарија и мајка на осудуваниот политичар и пратеник Дељан Пеевски, која поседувала вила вредна половина милион долари, како и Велико Желев, поранешен директор на државната агенција за патишта, обвинет за финансиски криминал тежок 11,5 милиони евра, кој во Дубаи поседувал дури 10 апартмани.
Според Извештајот, на списокот има и косовски државјани кои имаат „помалку од пет имоти“, во сопственост на „помалку од петмина сопственици“, а вредноста е околу еден милион евра. 17 луѓе од Албанија во Дубаи имаат регистрирано 19 „офшор“ имоти со вкупна вредност од 7 милиони долари. Од соседните земји, Србија има најмногу имоти: вкупно 287. Тие се во сопственост на 237 сопственици, а вкупната вредност е 74 милиони евра.