Лончар: Едно дете е оперирано, а на еден патник му беше ампутирана ногата

354

Министерот за здравство на Србија, Златибор Лончар по посетата на повредените во несреќата во Бугарија изјави дека нема загинати.

„Ги посетивме сите деца и возрасни и разговаравме со нив. Едно дете е оперирано, како и друг родител кому му е ампутирана ногата“, изјави Лончар. На возачот на автобусот му е одреден 24 часа притвор и најверојатно ќе му биде поднесена кривична пријава.

Министерот Лончар кој со својот колега од Бугарија ги посети повредените кои се наоѓаат во болницата во Стара Загора во Бугарија, посочува дека разговарал со деца и возрасни и дека оперираното дете се чувствува добро.

„Едно дете има повреди на главата и ќе биде пренесено во Софија на понатамошен надзор, а веројатно и оперираното дете ќе биде пренесено во Софија на понатамошно лекување“, нагласи министерот.

Лончар за РТС изјави дека двете момчиња на возраст од 10 и 11 години се на интензивна нега, дека на 10-годишното момче му е извршена операција на ногата и е добро, а другото момче има повеќе повреди, а доминантна е повреда на главата.

„Останатите кои се во болница ќе бидат анализирани и со помош на болничари ќе бидат префрлени на граница каде што ќе ги чекаат наши луѓе и ќе ги донесат во болница“, посочи министерот.

Според него, група деца и родители кои се чувствуваат добро треба да заминат во Србија во текот на денот.

Тој очекува двете тешко повредени момчиња и уште двајца полнолетни да бидат префрлени во Србија во наредните денови кога ќе им дозволи состојбата.

Тој им се заблагодари на сите што се вклучија во Бугарија за децата и возрасните од Србија да бидат соодветно згрижени по несреќата.

Возачот на автобусот од Србија, кој во неделата вечерта се преврте на автопатот во Бугарија кога беа повредени неколку лица и деца, добил 24 часовен притвор и најверојатно ќе одговара, соопшти бугарското МВР, пренесува БТА.

Причината била или човечка грешка или технички проблем.

Возачот на автобусот бил негативен на алкохол и дрога.

Сообраќајната несреќа најверојатно е предизвикана од човечка грешка, соопштија на прес-конференцијата од обвинителството.

Истражителите сметаат дека возачот на автобусот поради некоја причина изгубил концентрација, поради што автобусот излетал од патот.

 

Според сведочењето на патничка, автобусот излетал од патот во моментот кога возачот се наведнал да го спушти совозачкото седиште, за да може родител да седне.