Борисов победи на изборите во Бугарија

640

Поранешниот премиер Бојко Борисов однесе победа на изборите во Бугарија, но сè уште е многу нејасно дали може да формира влада.

Централно-десничарската партија на Борисов ГЕРБ освои околу 25,7 отсто од гласовите на четвртите општи избори во Бугарија во 18 месеци, што значи дека тој сега ќе мора да се обиде да состави коалиција од фрагментираниот политички пејзаж.

Во 48-то Народно собрание се очекува влез на шест партии и коалиции, а уште две се многу блиску до бариерата од четири отсто.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, се зголемува растојанието помеѓу ГЕРБ-СДС и „Продолжуваме со промената“. ГЕРБ-СДС би добила 25,3 отсто од гласачите, а „Продолжуваме со промената“ 20,2 отсто. Изненадување е што на трето место е „Преродба“ со 13,9 отсто, зад неа е „Движењето за права и слободи“ со 11,9 отсто, Бугарската социјалистичка партија со 8,7 отсто и „Демократска Бугарија“ со 7,6 отсто.

Малку над влезната бариера се „Има таков народ“ на Слави Трифонов 4,4 отсто и „Бугарски подем“ на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев 4,2 отсто.

Природните партии за про-ЕУ, про-НАТО сојуз би биле „Продолжуваме со промената“, предводена од поранешниот премиер Кирил Петков и „Демократска Бугарија“. Меѓутоа во првите реакции по објавувањето на резултатите и двете партии дадоа сигнали дека не сакаат да соработуваат со Борисов. Петков во минатото навести дека неговата партија би можела да соработува со ГЕРБ само доколку Борисов се повлече од политиката. Другиот проблем е „Движењето за права и слободи“, партијата на етничките Турци, која е на пат да освои околу 13 отсто од гласовите, но нејзината репутација за корупција ја прави непосакуван партнер бидејќи потсетува на врските на Борисов со таа партија. Со приклучувањето кон „Движењето за права и слободи“, Борисов би бил свесен дека може повторно да го разгори гневот на јавноста од пред две години.

Проруската партија „Преродба“ имаше силна изборна ноќ и според анкетите има околу 13,9 отсто од гласовите. Партнерството со таквите екстремно десничарски екстремисти, сепак, би било тешко за Борисов, доколку сака да задржи каков било кредибилитет во Брисел и Вашингтон кои ќе сака да ги увери дека ја води Софија на прозападна траекторија.

Разврската од овој сложен политички пејзаж би била уште една преодна влада и нови избори.

И медиумите во Европа и пошироко предвидуваат тешкотии во формирањето на влада и лоши изгледи за излез на Бугарија од политичката криза и неизвесност. Според коментарите во речиси сите светски медиуми, Бугарија нема повеќе право на грешки бидејќи континуираната политичка неизвесност ќе ги продлабочи економските проблеми и ќе ја оддалечи од влез во еврозоната.

Според Ројтерс, гласачите со гласањето за Борисов покажале дека бараат предвидливост воуслови на високата инфлација и трошоците за енергија.

„Претстојат тешки коалициски преговори, кои би можеле да завршат со нефункционаленпарламент или дури и нови избори“, прогнозира агенцијата. „Секоја од овие опции би ја продолжила политичката нестабилност и би ја зголемила можноста Софија да го пропушти целниот датум од 2024 година за приклучување кон еврозоната“.

Додека претходното гласање во ноември минатата година беше фокусирано на широко распространета корупција, сега економските проблеми се во првите редови на грижите на гласачите, коментира и Франс 24.

Блумберг смета дека и покрај победата на Борисов, фрагментираниот партиски пејзаж укажува дека земјата може да се движи кон подолг период на политичка криза.

„Политичката изолација на Борисов и се помалата поддршка за Петков значат дека нема јасен пат ниту еден од лидерите да формира влада. Продолжениот период на градење коалиција – па дури и изгледите за петти избори – може да ја попречи способноста на Бугарија да се справи со рекордната инфлација, планот за усвојување на еврото и последиците од руската инвазија на Украина“, коментира агенцијата.

„63-годишниот политички ветеран и поранешен премиер Борисов ќе се соочи со тешка битка да најде коалициски партнери“, се вели во својот коментар на АФП.

Според Политико, изгледите за ќор-сокак се лоша вест за земјата, која се бори со тешките предизвици на корупцијата на високо ниво, раширеното руско влијание и зголемената инфлација во пресрет на зимата.

Набљудувачите не ја исклучуваат можноста за уште едно предвремено гласање во случај да не успее да се формира коалиција. Сепак, сметаат дека оваа опција е штетна и за земјата и за политичките лидери, пишува Политико.

Изборите во Бугарија се најдоа и на насловните страници на германскиот печат, при што „Шпигел“ ги нагласува слабиот одѕив на гласачите и слабите изгледи за формирање влада, а според „Тагесшау“ политичката ситуација во Бугарија останува нестабилна по победата на Борисов.

Она што би можело да ја засега Македонија е што до формирањето на нова влада со државните работи ќе раководи кабинет назначен од претседателот Румен Радев. „Претседателската институција се повеќе станува центар на моќ во Бугарија“, пишува ФАЦ. (С.К.)