Рочиштето за претепувањето на Христијан Пендиков се одложи по 20 минути од почетокот, а по барање на адвокатите на обвинетиот Илија Спасевски.
Тие пред судијата Бојан Мартиноски кажаа дека не им се доставени сите докази со кои Обвинителството ќе докажува вина судот. За нив е важно да ги имаат аудио и видео записите со кои располага обвинителот, по што обвинетиот Спасевски ќе може да се произнесе за вина. Со ова се согласи и судијата Мартиноски.
„Со поднесеното обвинение поднесена е и листа на докази во прилог на која се предлагаат повеќе аудио и виде записи. Сметаме дека е неоходно сите докази да ги има одбраната“, кажаа адвокатите на обвинетиот Илија Спасевски кој побара одлагање на расправата.
За судијата Мартиноски ова беше прифатливо и рече: „Се прифаќа барањето на бранителите. Тоа е право на одбраната“.
Следното рочиште е закажано за еден месец од сега, односно за 5-ти април.
Според обвинението, Спасевски поради омраза по национална и етничка линија, го натепал Пендиков.
Охридското Обвинителството поднесе Обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа секретарот на Бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид, Христијан Пендиков. Тој се бранел со молчење во текот на истражната постапка.
„На 19 јануари, во кафе бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во текот на истражната постапка, сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видео надзорот“, соопшти Обвинителството кога го поднесе обвинителниот акт.
Тепачката се случи на почетокот од месец јануари.
Адвокатот на наѓачот негира дека Пендиков бил тепан оти е Бугарин: Чисто политичка работа
Адвокатот Димитрија Цобоски кој го застапува Илија Спасески кој е обвинет дека поради национализам го натепал Христијан Пендиков кој се произнесува како Бугарин, тврди дека тоа не е точно. Тој посочува дека во овој случај прсти замешала политиката.
„Како може да биде напад поради омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа? Тој е воспитан во дух секого да сака и најмалку да мрази било кого. Сега размислете дали може да биде омраза или на ова се дава еден политички акцент, призвук кој се исполитизира до страшни граници. Ова е чисто политичка работа“, кажа адвокатот Димитрија Цобоски.
Адвокатот го коментираше и гостувањето на Пендиков во БТВ, за кое рече: „Неспорно е дека тој не знае кој го удрил од позади, тој не знае кој го шутирал, дека бил тепан 10 минути“.
Прашан за што била тепачката, адвокатот на Илија Спасески рече: „Ќе видиме тоа треба да го докаже обвинителот. Ние имаме објаснување и во текот на постапката ќе го кажеме“.