Минималната плата се зголеми за 2.100 денари

566

20175 денари, ова е сумата на новата минималната плата која ја потврдија Синдикатот, Работодавачите и Владата. Исплатата ќе започне од следниот месец, односно вработените веќе месецов ја одработуваат новата минимална плата. Во однос на претходната висина, сега има зголемување за 12 отсто. Власта смета дека новиот метод на пресметка ги елиминира тензиите и расправиите околу носењето на нов повисок минималец.

„Само за шест години минималната плата се удвои и сега изнесува 20175 денари“, рече Фатмир Битиќи, вицепремиер за економија.

Синдикалците го поздравија зголемувањето на минималната плата. Велат дека системското решение за континуиран раст на минималецот е можеби најдобар во регионот, иако тоа не е така и во однос на сумата.

„Сите работодавачи како во приватниот така и во јавниот сектор односно Владата да најдат сили и начин да ги усогласат платите и на останатите вработени, за да не дојде до соодветна урамниловка каде не би имале силно мотивирани работници“, рече Златко Цветковски, ССМ.

Бизнисот ќе го почитува законот, но вработените не треба да се задоволни само со минималната, туку да се мотивираат и да заработат многу повеќе. Вработените да имаат стимул да бидат поефикасни на работните места.

„Да имаме попродуктивни работници, да имаме млади луѓе кои ќе бидат позадоволни со живеењето во оваа држава и да имаме млади луѓе кои ќе сакаат да работат во приватниот сектор“, изјави Владанка Трајковска, Оранизација на работодавачи.

Минималната плата се воведе во 2012 година кога долната градица на најниската плата беше девет илјади денари. Минималецот се пресметува во однос на зголемувањето на трошоците за живот и растот на просечната плата.