Критичкото размислување е особено важно да се развива кај учениците уште од најрана возраст, затоа што само така тие ќе прераснат во индивидуи и цели генерации кои ќе можат да бидат коректори на актуелните состојби во сите сфери во општеството и ќе бидат непосредни креатори на промените за подобро утре.
Ова денес го истакна министерот за образование и наука Арбер Адеми кој заедно со евроамбасадорот Самуел Жбогар учествуваа на панел дискусијата „Како да информираш и да бидеш информиран?“, која се одржа во Тетово, во организација на Делегацијата на Европската унија во Македонија.
Во своето обраќање пред присутните, Адеми рече дека во развојот на креативноста и критичкото размислување кај најмладите, како и во подигнувањето на степенот на медиумска писменост, големо е влијанието на семејството и средината во која тие живеат, но сепак училиштето е клучната институција која го поттикнува индивидуалното размислување и градењето личен став, како и одбегнувањето на примената на говор на омраза, препознавање вистински и елиминирање на лажни информации и слично.
Министерот за образование и наука потенцираше дека Владата посветува големо внимание на оваа тема и затоа промените кои се започнати и ќе следуваат во образовниот систем, меѓу другото се конципираат и за да помогнат за подобрување на состојбите во тој дел.
„Веќе се спроведува новата Стратегија за развој на образованието со рок на реализација до 2025 година која посветува внимание на овие сегменти. Со следење и имплементација на современите образовни стандарди за настава, ќе бидат задоволени и стандардите за развој на критичкото мислење и подигнување на медиумската писменост кај најмладите“, рече Адеми, додавајќи дека од особено значење е и придонесот на медиумите и граѓанските организации, кои ги организираат настаните од ваков тип затоа што, како што рече, имаат удел во подигнувањето на свеста и во здружувањето на силите за постигнување на целта, а тоа е градење на младина која критички ќе размислува и медиумски ќе биде доволно и добро писмена.