Агентот на Горан Пандев, Леонардо Корси потврди дека Интер се интересирал за македонскиот репрезентативец во јануарскиот преоден рок.
Корси истакна дека Пандев наскоро и официјално ќе го продолжи договорот со Џенова, клуб во кој дефинитивно ќе ја заврши кариерата.
– Дали ќе потпише продолжување на соработката? Да, претседателот го сака тоа. Тој е во супер форма која треба мора да продолжи повторно. Ќе ја заврши кариерата во Џенова. Горан е всушност Италијанец, има италијанско државјанство, а сите негови деца се родени во Италија, -изјави Корси.
Потоа Корси, во интервјуто за „Тутомеркато“ откри зошто Пандев го одбил тимот на Интер кој му затропа на вратата во јануарскиот преоден рок.
– Во јануари имаше романтичен „флешбек“ од Интер, но Џенова мораше да биде спасена. Тој е поврзан со „рособлу“ боите и никогаш нема да ја напушти Џенова, -изјави Корси.
Италијанскиот агент кој е застапник на уште некои наши фудбалери најави дека во иднина ќе прави пат за македонските играчи во Серија А и откри дека ќе се обиде да продаде и некои играчи од Академија Пандев во Италија.
– Сакам да додадам дека тој е пример за националниот тим и со него се обидува да се квалификува на Европското првенство. Тој е светилник на тимот во кој играат и Ристовски, Елмас и Барди.
– Нив ќе ги препорачам на неколку италијански тимови, а истото ќе го сторам и со дел од играчите од Академија Пандев, -изјави Корси кој на крајот се осврна и на Стефан Ристовски и откри дека за бекот на Спортинг има интерес од екипи од Серија А и од Бундеслигата.