„Ако има потреба, ќе го викнам Манасков за втората фаза“

524

Македонија ќе отпатува на Светското првенство во Египет во необичен, многу подмладен состав. Ќе го нема дури ни Дејан Манасков, кој беше редовен учесник на досегашните првенства уште од своите тинејџерски години.

Брестовац вели дека тоа е избор и на Манасков и на Георгиевски, бидејќи не се доволно физички подготвени. Од истата причина ги прескокнаа и тренинзите во подготовките кои почнаа од трети јануари.

„И Манасков и Георгиевски уште на собирот кажаа дека не се чувствуваат подготвени. Манасков беше со нас на тестирање тогаш и подоцна ме извести дека подобро му е да се приклучи на тренажниот процес на Веспрем. Тој имал само четири тренинга пред Ф4-турнирот во Келн, така што не се чувствуваше подготвен. Се разбира, тој и понатаму е на располагање, ако јас видам дека има потреба да игра, ќе го повикам, ако се пласираме во втората фаза. Георгиевски беше дијагностициран позитивен по Македонија – Швајцарија и оттогаш, практично нема натпревари. Тој дури изрази подготвеност да дојде, ама решивме подобро да не ризикува. Тој е крило, има по сто скока на тренинг, малку треба да доскокне лошо и да се повреди. Затоа подобро сигурно да влезе во форма“, објасни Брестовац.

Штета е што и вториот избор на левата крилна позиција, Бојан Маџовски, заработи повреда во неделата со Чиле, која изгледаше мала. Сепак, се здобил со скршеница на прст на десната рака и ќе му требаат најмалку четири до шест недели за враќање назад. Леви крила ќе бидат младите Димитар Димитриоски (Вардар) и Цветан Кузманоски (Е. Пелистер 2), додека на десната страна ќе го имаме искусниот Мартин Поповски, заедно со Ненад Костески.

Првиот натпревар Македонија ќе го игра утревечер од 20.30, против Шведска.