Ако сте курир, пекар или лекар – сега му е мајката

688

Работници за курирски служби и достава се најбараните позиции за вработување во време на корона-кризата, кога многу професии се погодени, а на работниците им виси работното место и приходите им се доведени во прашање. Меѓу позициите кои се бараат се и пекари, медицински лица, обезбедување.

Доставувачи, логистика, работници за во банки, курирски служби, обезбедување, занаетчии, работници за во мали производствени капацитети се дел од позициите кои се бараат и во време на корона-кризата. Кризата предизвикана од коронавирусот се одрази и на пазарот на трудот, па додека вработените во одредени сектори остануваат без работа, пазарот се отвора за други работни позиции. Апелите да се остане дома, ограничувањето на движењето и гужвите пред маркетите ги натера луѓето повеќе да користат сервиси за достава, па огласите изобилуваат со побарувања на работници кои ќе работат како доставувачи, дистрибутери, работници во куририски служби. Просечната плата во категоријата сообраќај и транспорт изнесува околу 24 илјади денари. По огласите може да се прочита дека платата за куририте се движи од 18 до 20 илјади денари, плус вклучен бонус.

Дарко Велков, сопственик на порталот Вработување.ком, вели дека коронакризата се одрази на многу професии, но има и такви кои и во вакви услови бараат вработени.

„Целата логистика, возачи, транспорт, е сè уште многу побарувано работно место. Многу се разви доставата. Банките исто така имаат потреба од луѓе, бидејќи голем дел од вработените се во категориите кои не смеат да бидат на работното место, па имаат потреба од пополнување на тие места. Обезбедување исто така во моментот се бара, затоа што сите големи компании мора да имаат редарска служба која одржува растојание меѓу луѓето. Курирските служби во моментот се најбараното место. Потоа занаетчии во мали производствени компании“, вели Велков.