Старите холивудски филмови обично ги поврзуваме со гламурот и драмата, но многумина не знаат за мрачната страна на златното доба на Холивуд.
“BuzzFeed” пронајде прилично вознемирувачки факти кои ретко кој ги знае, а кои би можеле засекогаш да го променат начинот на кој гледате на филмовите од тој период.
1. Актерките во тоа време биле толку опседнати со својот изглед што Џоан Крафорд си ги извадила страничните заби за да има поубав облик на вилицата.
“Имав само 23 години. Кога ги отстранувате страничните заби, вилицата ви се завива на поелегантен начин. Агентот ми кажа дека, ако сакам да работам и по 25-та година, ќе морам да инвестирам во себе, па затоа го направив тоа. Тоа не беше реткост”, раскажала актерката.

Џоан исто така секоја недела ставала борна киселина на очните капаци за очите да ѝ блескаат.
2. Кога децата актери биле непослушни на филмските сетови, понекогаш ги испраќале во т.н. “црна кутија”, каде за казна морале да седат на парче лед.
3. За време на снимањето на “The Birds”, врзувале живи птици за актерката Типи Хедрен, а исто така ги фрлале кон неа за да ја снимат легендарната сцена на таванот. Кога го посетил сетот, Кери Грант наводно рекол дека Типи е најхрабрата жена која некогаш ја запознал.
4. Џин Кели во една прилика во текот на снимањето на “Singin’ In The Rain” толку го навредил танцувањето на Деби Рејнолдс, што таа се вовлекла под клавирот и плачела.
“Доаѓаше на пробите и критикуваше сè што правев, никогаш не ме охрабруваше за ништо”, раскажала Деби.
5. Одри Хепберн го добивала својот “срнечки поглед” така што, по нанесувањето на маскарата, со игла ѝ ја раздвојувале секоја поединечна трепка.

6. Џеки Купер во својата биографија открил дека не можел да заплаче во клучната сцена за време на снимањето на “Skippy”, па режисерот (кој инаку му бил вујко) му се заканил дека ќе го убие неговото куче ако не почне да плаче.
“Почнав да плачам толку хистерично што дури и беше премногу за сцената, па мораа да ме смируваат”.
Купер инаку во 1931 година беше номиниран за Оскар токму за таа улога. Имал само 9 години.

7. Договорите во тоа време имале “морална клаузула” која ги обврзувала актерките да не се венчаат и да абортираат доколку забременат. Таа клаузула постоела за да ги “спречи ѕвездите да си ја уништуваат вредноста со скандали”. Наводно Лана Тарнер, Џуди Гарланд и Џанет Мекдоналд тајно абортирале, а во јавноста се зборувало дека биле во болница поради операции на слепото црево или ушна инфекција.
8. Во 20-те и 30-те години на минатиот век, на филмските сетови се користел азбест за да се снимаат сцени во кои паѓа снег. Некои актери, како Стив Меквин, подоцна во животот тешко се разболеле поради тоа.
9. Хети Мекданиел била првата темнокожа личност во историјата која била номинирана за Оскар, но во хотелот во кој се одржувало доделувањето бил забранет влез за црнци. Продуцентот на филмот “Gone With The Wind” морал да “потегне врски” и да моли за посебна услуга да ја пуштат Хети во зградата, но дури и по тоа таа морала да седи во позадина.