Албанија за 24 часа ја погодија над 250 потреси: Бројот на жртви порасна на 24, над 600 се повредени…

600

Денес во соседна Албанија е Ден на жалост поради жртвите кои загинаа во вчерашниот разорен земјотрес. Според последните информации, 24 лица го загубија животот, а над 600 се повредени.

Најсилниот земјотрес во последните неколку децении во Албанија сруши многу стамбени објекти, а после најсилниот кој ја затресе земјата во околу 4 часот утрината, во текот на денот следуваа дури 250 потреси. Поради тоа, многу жители на Албанија студената ноќ ја поминаа на отворено.

Потресот се почувствува во целиот регион, од Македонија, до Италија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Косово.

Експресна помош за нашите соседи пристигнува од повеќе земји, меѓу кои е секако и Македонија. Синоќа километарска колона со противпожарни возила, спасувачки екипи, доктори, специјалисти и возила на итна помош веднаш тргнаа од Македонија кон Албанија, а Владата одвои и 100 илјади евра парична помош.

„По серијата на земјотреси што ја погодија Албанија, а најмногу се почуствуваа во градот Драч, во кој има жртви и многу повредени, Градот Скопје веднаш испрати екипи за помош на настраданите.

Денеска во раните утрински часови контактирав со градоначалникот на Тирана, со којшто сме и збратимен град и добри пријатели, понудив помош којашто веќе Град Скопје ја упати кон настраданите во катастрофалниот земјотрес во Драч. Градот Скопје испрати две екипи, едната екипа е составена од четири пожарникари, а втората екипа е составена од двајца коишто ќе вршат снимање на самото место со термален дрон и термални камери, за да се откријат евентуални преживеани во урнатините, како и беспилотно летало коешто ќе врши 3Д мапирање на теренот со цел штетите коишто се настанати и оштетувањата на објектите да може да бидат како мапа достапни на спасувачките служби коишто се на самото место“, напиша на Фејсбук градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и најави дека денес ќе биде донесена одлука за доделување и парична помош.