Алиоски по првиот премиерлигашки гол: Најмногу ме израдува колку брзо ја направивме транзицијата!

488

Македонскиот репрезентативен лев бек Езџјан Алиоски го постигна првиот свој премиерлигашки гол во кариерата, откако синоќа даде еден од петте гола за триумфот на Лидс со 5-2 против Њукасл и тоа беше прв погодок на македонски репрезентативец во Премиерлигата после 22 години, откако прв и последен пат гол во елитното натпреварување даде Ѓорѓи Христов за Барнсли во 1998 година.

Алиоски беше стрелец на четвртиот гол, а еден од петмината лидсоци кои се запишаа во листата на стрелци во убедливиот триумф, по што бившиот англиски репрезентативец се врати на победничкиот колосек и со 17 бода сега се 13-то пласирани на табелата.

„Пресреќен сум за секој што даде гол. Преубаво е кога ќе се дадат пет гола и тоа од пет различни играчи. Но, тоа што ме прави најсреќен е колку бевме брзи во таа транцизија кога го дадов голот, зашто бевме петмина во шеснаесетникот. И не е битно кој ќе победи. Мене посенбо ме израдува таа транција од одбрана во напад, колку брзо се трансформиравме. Го заслуживме ова. Победата е многу важна за нас, за нашиот морал, мотивација, а посебно за тимскиот дух“, вели Алиоски.

Лидс предводен од Марсело Биелса игра доста атрактивен фудбал, но не секогаш тој е продуктивен, но Алиоски потенцира дека не отстапуваат од целта да играат на овој начин, офанзивно.

„Ние никогаш не се откажуваме, секогаш веруваме во себе и во стилот кој го играме. Успесите ќе дојдат, треба само напорно да работиме и потоа може да бидеме среќни. Ми се допаѓа како играме, уживаме на секој меч, без оглед што понекогаш тажни си заминуваме. Ние се обидуваме на секој меч да го дадеме максимумот, некогаш резултатите не се какви што ги посакуваме, но секогаш, на секој меч одиме со верба дека сме силни, дека сме добри како тим и дека успехот ќе дојде“, додава Алиоски.

Следен меч на Лидс е веќе за три дена и тоа со Манчестер јунајтед.

„Нема одмор, треба брзо да се рекуперираме што е многу важно, а ќе го анализираме овој меч, ќе го анализираме следниот противник и како ќе играме. Само треба напорно да продолжиме да работиме и да се избориме за нова победа“, потенцира Алиоски.