Америка, историја и Индијанци: ДНК тест потврдил дека поглаварот Бик Кој Седи има жив правнук

495

Примерокот од косата на легендарниот лидер на Индијанците од 19-тиот век, Бик Кој Седи, им овозможил на научниците да потврдат дека маж од Јужна Дакота е негов правнук.

Научниците земале ДНК од примерокот на косата на индијанскиот поглавар кој се чувал во Вашингтон.

Се покажало дека 73-годишниот Ерни ЛаПоант е негов правнук.

Откритието е резултат на нова техника која овозможува генетски информации да се добијат од фрагментиран примерок на стара ДНК.

“Ова ДНК истражување е уште еден начин да ја идентификувам роднинската врска со мојот прадедо”, рекол ЛаПоант за “Reuters”, кој има три сестри.

“Откако знам за себе, луѓето ја доведуваа во прашање мојата врска со поглаварот. Веројатно ќе се сомневаат и во новите наоди”, додал тој.

Техниката ја развил тим од научници на чело со Еске Вилерслев од Универзитетот Кембриџ во Велика Британија и Линдбек фондацијата во Данска.

Нивните резултати биле објавени вчера во списанието “Science Advances”.

Претходните истражувања, засновани на стари генетски примероци, се обидувале да најдат поклопувања со користење на генетски маркери.

Ерни ЛаПоант тврди дека е потомок на Бикот Кој Седи од страна на неговата мајка, објаснил професорот Вилерслев, што ја оневозможило употребата на претходните техники.

Вилерслев со тимот пронашол начин да го локализира “аутозомниот хромозом” кој е полово необележан.

Потребни им биле 14 години да го усовршат овој метод.

Вилерслев рекол дека од детството бил фасциниран од Бикот Кој Седи и му понудил на ЛаПоант да утврди дали навистина се роднини.

Пред да прифати, ЛаПоант го замолил Вилерслев да учествува во ритуал кој вклучува тапанари и пеење, за духот на Бикот Кој Седи да даде благослов на истражувањето, рекол научникот за “AFP”.

ЛаПоант, меѓутоа, запалил поголем дел од косата на Бикот Кој Седи – во склад со упатствата на духот – оставајќи им на научниците само 4 центиметри, а во тоа време Вилерслев сметал дека тоа е “катастрофално”.

Меѓутоа, ова го натерало тимот да развие иновативен нов метод, рекол тој.

Бикот Кој Седи, чие вистинско име било Татанка-Јотанка, бил поглавар на племето Сијукс.

Славата ја стекнал кога предводел 1.500 индијански воини во битката кај Литл Биг Хорн во 1876-та година, победувајќи го американскиот генерал Кастер и неговата Седма коњичка дивизија.

Во името на владата на САД, таканаречената Индијанска полиција го убила поглаварот на Сијукс во 1890-та година.