Во Турција долетаа шестиот и седмиот транспортен авион од Русија натоварени со против-воздушните системи „С-400“, а ова го потврдија и од турското Министерство за одбрана.
Како што е соопштено од турското министерство, оваа испорака е извршена во рамките на договорот за испорака на моќниот против-воздушен систем кој неодамна го потпишаа Москва и Анкара.
Да потсетиме, од Министерството за одбрана на Турција, на 12-ти јули соопштија дека испораката на „С-400“ од Русија е започната а подоцна таа информација ја потврдија и од Сојузната служба за воено-техничка соработка на Русија.
Договорот за набавка на „С-400“ против-воздушниот систем вреден 2,5 милијарди долари помеѓу Турција и Русија беше склучен во 2017-та година. Турција дел од испораката на „С-400“ ќе ја плати од сопствениот буџет, а дел ќе биде финансиран од руски кредит.

Купувањето на против-воздушниот систем на Турција, инаку земја членка на НАТО Алијансата, ги наруши односите помеѓу Анкара и Вашингтон. Американците бараа раскин на договорот, кој на крајот не се случи, па се заканија со воведување на санкции против својот стратешки сојузник.
Како последица на купувањето на „С-400“, Американците ќе ја стопираат испораката на борбените авиони од петта генерација „Ф-35“, иако Турција ја финансираше програмата за развој на ловците на американсаката компанија “Lockheed Martin”, а не е исклучено и воведување на дополнителни санкции против Анкара.