Американскиот амбасадор во Русија, Џон Хантсмен порача дека флотата на американската воена морнарица на Медитеранот, предводена од неколку носачи на авиони, треба да бие сигнал за Москва.
„Дипломатските врски и дијалогот во дослух со моќните одбранбени системи на тие бродови покажуваат дека Русија, доколку навистина сака да воспостави подобри односи со Америка, тогаш мора да ја сопре својата дестабилизирачка активност ширум светот“, порача американскиот амбасадор.
Според неговите зборови, секој американски носач на авиони кој што е присутен во Средоземното море претставува 100 илјади тони меѓународна демократија.
Две групации на американската воена морнарица, предводени од големите носачи на авиони „Абрахам Линколн“ и „Џон Стенис“ пристигнаа во водите на Средоземното море каде ќе учествуваат на воени вежби со НАТО сојузниците на Соединетите Американски Држави.
Покрај носачите на авиони на кои што се распоредени дури 130 борбени авиони, во водите на Средоземното море пристигнаа и 10 други воени бродови на американската воена морнарица на кои се распоредени вкупно 9 илјади морнари и маринци.
Од друга страна, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу порача дека Русија ќе превземе мерки со кои ќе одговори на чекорите кои НАТО Алијансата ги превзема во близина на руските граници, иако не откри кои конкретни мерки ќе ги превземе Москва против најмоќниот воен сојуз на светот.
„Ве уверувам дека ќе превземеме правовремени мерки кои не мора да бидат симетрични на чекорите на НАТО Алијансата“, порача министерот Сергеј Шојгу, пренесува руската новинска агенција „ТАСС“.