Ова е играње со глобалната економија, оценува американската ТВ станица “CNN” во денешниот коментар по повод несогласувањата меѓу републиканците и демократите во Конгресот да се крене лимитот на задолжување на владата, за да може да продолжи да ги подмирува своите финансиски обврски.
Соединетите Американски Држави одат кон провалијата бидејќи на Конгресот паѓа одлуката за кревање на плафонот до кој може да се задолжува американската влада. Ако работите тргнат наопаку, последиците ќе се почувствуваат далеку од границите на САД, се наведува во анализата на уредникот на “CNN”, Стивен Колинсон.
Со оглед на тоа дека американската влада троши повеќе од што заработува, би била принудена да престане со сервисирање на долгот – па исплатите на воените плати, државните пензии и други бенефиции би пресушиле.
А ако САД не можат да ги плаќаат каматите за своите долгови, каматните стапки за позајмување пари веројатно ќе пораснат – што значи дека ќе поскапат хипотеките, кредитите за автомобили и сметките за кредитни картички. Милиони Американци веројатно би ја изгубиле својата работа, а забавеното закрепнување од пандемијата би се урнало.

Со оглед на тоа дека стабилноста на американскиот долг е темел на глобалната економија, неизвршувањето на финансиските обврски на Вашингтон би можело да го фрли остатокот од светот во криза.
Непоимливите размери на ваквите последици се причината поради која завојуваните политичари во Вашингтон, во главно по периодот на тврдоглаво развлекување и изнудување на отстапките, обично постигнуваат консензус доцна навечер и изгласуваат кревање на горната граница на долгот. Но, овој пат е поинаку, се наведува во анализата.
Републиканците ја одбиваат оваа игра обвинувајќи ги демократскиот претседател Џо Бајден за неконтролиран раст на потрошувачката, кој дополнително ќе го зголеми националниот долг, кој моментално изнесува речиси 29.000 милијарди долари.

Нивниот став е длабоко лицемерен, смета уредникот на “CNN”. Како прво, нагласува тој, демократите неколку пати гласале со републиканците за зголемување на лимитот за задолжување под републиканските претседатели.
Уште поважно од тоа е дека лимитот мора да се зголеми за да се платат обврските кои самите републиканци ги преземале со гласањето за масовно намалување на даноците кои ги погодиле богатите за време на тогашниот претседател Доналд Трамп. Републиканците, според Колинсон, се однесуваат како државата една недела да се забавувала во Лас Вегас и сега одбива да ја плати сметката на кредитната картичка.
Но, републиканците сакаат да ги “измијат рацете” од одговорноста и ги обвинуваат демократите дека ја довеле државата до банкрот, бидејќи Бајден “турка” инвестициски програм од 4,0 билиони долари за преобликување на економијата за да им помогне на посиромашните Американци. Републиканците знаат дека демократите нема да имаат друг избор освен самите да го кренат лимитот за задолжување, и на крајот самите да ја платат политичката цена, стои во анализата на “CNN”.