Ангеловски го има составот за мегдан со Грузијците: Адеми сака да игра по секоја цена!?

572

Се чини Игор Ангеловски го има составот кој вечерва од 18 часот на „Динамо арена“ треба да се спротивстави на Грузијците на патот до Европското првенство. И покрај фактичкиот хендикеп со отсуството на Енис Барди и Кире Ристевски кои изминативе години беа незаменлива целина од првиот тим, јасно е дека Ангеловски со офанзивна амбиција во обид да се дојде до посакуваната историја.

Единствената непознаница, се чини, до крај ќе биде Аријан Адеми. Но, по синоќешниот тренинг, веќе се навестуваше дека огромниот борец по ниту една цена не сака да го пропушти натпреварот кој е повеќе од значаен за Македонија. Од таборот на репрезентацијата и информацијата дека Адеми самиот инсистирал да игра без размислување како би им помогнал на соиграчите во желбата за остварување на сонот. Во една таква ситуација се очекува, покрај Адеми, во средниот ред да бидат уште Николов и Елмас како поддршка за Пандев и Несторовски во нападот.

Во одбраната се очекува пред голманот Димитриевски да стартуваат Бејтулаи, Велковски и Муслиу, а по страничните позиции стандардно Стефан Ристовски и Езгијан Алиоски.