Ситно броиме до мигот вреден историја за македонскиот фудбал и спорт воопшто, а првиот ден на кој ќе ни се потат рацете пред ТВ е 13 јуни. Мрме ги прозва пулените од кои се очекува гордо и достојно да ја претстават Македонија во европскиот крем од 24 земји учеснички.
Селекторот Игор Ангеловски повика 26 фудбалери или онолку колку што дозволи УЕФА. 23 од нив ќе бидат на располагање за натпреварите и тројца на стенд бај како евентуална можност за замени.
Списокот е очекуван и на него има 23 интернационални и тројца од македонската прва лига, но ома и две изненадувања, а тоа се офанзивните играчи од младата репрезентација, Дарко Чурлинов од Шутгарт и Милан Ристовски од Спартак Трнава.
Тоа значи дека покрај Барди од Ла Лига и Пандев и Елмас од Серија А, ќе имаме и играч од Бундеслигата. Како што веќе е познато, Европското поради повреда на лигаментите го пропушта Илија Несторовски.
Подготовките стартуваат на 26 мај, а на 8 јуни се патува за Букурешт. Закажани се и две контролни средби во Скопје против Словенија на 1 јуни и против Казастан на 4-ти.
Дебито на европската сцена, Македонија ќе го има на 13 јуни против Австрија, а потоа на 17-ти следува мечот против Украина. Третиот дуел е против Холандија во Амстердам на 21-ви.
Ајмо ѕверови.
- Списокот на Македонија за Европското првенство:
Голмани:
Столе Димитриевски
Дамјан Шишковски
Ристе Јанков
Одбрана:
Стефан Ристовски
Висар Муслиу
Егзон Бејтулау
Кире Ристевски
Ѓоко Зајков
Езџан Алиоски
Дарко Велковски
Среден ред:
Аријан Адеми
Енис Барди
Стефан Спировски
Бобан Николов
Тихомир Костадинов
Ферјан Хасани
Ељиф Елмас
Даниел Аврамовски
Дарко Чурлинов
Марјан Радески
Напад:
Горан Пандев (капитен)
Александар Трајковски
Иван Тричковски
Влатко Стојановски
Милан Ристовски
Крсте Велкоски