Антиковидното апче ќе биде поевтино за сиромашните земји

964

Американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ објави договор според кој што нивните потенцијални антивирусни таблети против корона вирус ќе бидат поевтини и достапни во најсиромашните земји во светот.

„Фајзер“ ќе овозможи генеричките производители да ги снабдуваат со својата таблета „Паксловид“ дури 95 земји со низок и среден приход, кои покриваат околу 53 отсто од светската популација, се вели во соопштението на компанијата.

Експерименталното апче против ковид-19 ќе може да се користи и продава во земјите во развој, откако компанијата Фајзер потпиша договор со Медисинс Патент Полс од Женева.

Станува збор за апче коешто ги намалува ризиците за хоспитализација и смрт за речиси 90 отсто кај луѓето со умерени симптоми на корона вирус.

Договорот за производство на апчето е постигнат уште пред да биде одобрено, со што се засилува надежта дека ковид-19 пандемијата наскоро ќе може да биде искоренета.

Привремените податоци добиени од тековното истражување покажаа намалување на ризикот од хоспитализација или смрт предизвикана од ковид-19 за дури 89 проценти. Доколку биде одобрена, таблетата би можела да се најде на пазарот за „неколку месеци“, изјави за агенцијата Франс прес, шефот за политиката на MPP, Естебан Бурон.

Фајзер, исто така, во вторникот рече дека бара одобрение за итна употреба за таблетата за ковид. Компанијата ќе се откаже од приходите од продажба во сите земји опфатени со договорот, сè додека Ковид-19 е класифициран како итен случај за јавно здравје од Светската здравствена организација.