Апасиев: Со вакви политики ќе бидеме народ без држава, ќе не сведат како Курдите

513

Лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев во „Само вистина“ на Канал 5 вечерва изјави дека тоа што нема одговор од македонска страна на најавите за вето од Бугарија е лошо.

Вели дека Бугарите се осоколени од успехот на Грција.

Апасиев е убеден дека Бугарија нема да попушти, а ние имаме сервилна дипломатија.

„Јас очекувам вето искрено, ако не сега ќе следи вето понатаму, до исполнување на нивните експанзионистички барања“, изјави Апасиев.

Додава дека ние за разлика од другите народи, немаме црвени линии.

Вели дека сме имале црвени линии претходно, но нив ги напуштил премиерот Зоран Заев и СДСМ.

„Со вакви политики ќе бидеме народ без држава, ќе не сведат како Курдите, и мислам дека црно ни се пишува“, рече Апасиев.

Вели дека Софија инсистира да не „бугаризира“. Оние кои преговараат ги нарече дека се среброљубци и дека за 1.000 евра ја продале државата.

Тврди дека во времето на Југославија имало реакции и се барало Бугарија да менува делови во учебниците.

Апасиев вели дека самиот Договор со Бугарија го проблематизира македонскиот јазик.

За Договорот од Преспа вели дека е асиметричен и дека самата власта ја смени придавката македонска од повеќе институции.