Армиските „волци“ и „ренџери“ – тивки и невидливи чувари на нашата сигурност

2085

Полкот за специјални операции (ПСО) годинава ќе прослави 25 години од формирањето.

Во изминатите години Баталјонот за специјални намени, познат како армиски „волци“, и Ренџерскиот баталјон се предводници на реформите и трансформацијата  во АРМ. Секоја година сè поголем е интересот на младите генерации да станат дел од овие елитни единици, но воопшто не е лесно да се стане армиски „волк“ и „ренџер“. Селективниот курс за да се добие баретката е тешка и напорна обука од која многумина се откажуваат. Кај „волците“ се уште нема припаднички од понежниот пол, такви биле и искуствата од западните армии. Заменик-командантот на ПСО, полковник Сашко Лафчиски, смета дека културолошки и ментално не сме подготвени за тој чекор. Сепак, во „ренџерите“ има девојки и се дел од борбените групи, а ги има и во двете чети што се во директна поддршка на баталјоните.

И „волците“ и „ренџерите“ имаат сопствено мото, но заедничка им е скромноста, како професионални, етички и високоморално изградени личности. Посакуваат да ја имаат најновата софистицирана опрема и вооружување, но велат, и со она со што распoлагаат ефективноста и нивото на подготвеноста и извршувањето на задачите е на највисоко ниво. Постои ривалитет помеѓу „волците“ и „ренџерите“, што најмногу се гледа за време на спортските натпревари.

Пред сè треба да се биде чесен, да се помогне, посочува во разговор со МИА заменик-командантот на ПСО, полковник Сашко Лафчиски. Вели дека ПСО не само во рамки на државата, туку и пошироко регионално е една од најподготвените единици, a најголемо богатство се неговите припадници.

– Нашата водилка е „луѓето пред сè“, најмногу да се вложува во оспособување на луѓето, надградување на нивните капацитети и квалитети, а второ е да се научиме да се бориме со тоа што го имаме, рече Лафчиски.

Потенцира дека припадниците на ПСО сакаат да ја имаат најдобрата и најинтересна опрема и да се поистоветуваат и со поразвиени држави и економии и добро е, подвлече, што сега конечно со членството во НАТО се отвораат и тие можности. Во таа насока информира дека се изработени планови за набавка на специјална опрема што ќе биде потребна за извршување на задачи.

Мисиите за ПСО почнаа во 2003 година со „Слобода за Ирак“ и траат до 2008 година, по што следува мисија во Авганистан, заедно со Националната гарда на Вермонт – САД, како дел од силите за операција ФЕНИКС. Најгорди се кога му помагаат на населението и извршуваат хумани мисии. Континуирано се крводарители и донираат средства онаму каде што се најпотребни. Први беа и на повикот при природните катастрофи поплавата во Стајковци, како и во пожарите во Пелгонискиот Регион.

Во однос на ривалитетот меѓу армиските „волци“ и „ренџерите“, Лафчиски нагласува дека секој одлично е подготвен во нивниот домен, но, наведува, тенденцијата што ја имаат „ренџерите“ да трчаат зад „волците“, ги направило многу посилни, ги мотивирало дополнително да изградат капацитети и знаења и од професионален и од стручен аспект.

Мотото на „волците“ – секогаш и секаде први 

Носител на специјалните операции е Баталјонот за специјални намени – „волци“, изведуваат хируршки прецизни операции, операции од висок ризик, каде би се постигнувала некоја стратешка цел, а сето она што значи борбено обезбедување или одбивање некаков дополнителен непријател што би влегол во зона на операции на „волците“ е задача на „ренџерите“.

–  Високоризични операции и мисии од стратешко значење се задача на „волците“, а обезбедувањето на операцијата е задача на „ренџерите“. „Волците“ се со предзнак сили за специјални намени, а „ренџерите“ се елитна пешадија што извршува специјални операции, појаснува потполковник Ѓорѓи Вељовски, командант на Баталјонот за специјални намени – БСН, „волци“, инаку спортист, учесник во маратонски и полумаратонски трки, со над 100 падобрански скокови. Вели да се биде војник, да се биде спортист.

За пет години имало три селективни курсеви на кандидатите за припадници на „волците“. Потребно е да се поминат општообразовниот тест, тестот за пливање, лекарските прегледи, по што следува курсот за специјалните единици.

– Селективниот курс значи 24 дена на армискиот полигон Криволак, непрекината психофизичка работа од планот за борбена обука и воспитување што го имаме во единицата. Кандидатите на Криволак 24 дена поминуваат тешка обука и доста од нив се откажуваат, а некои не успеваат да ги исполнат критериумите, појаснува командантот на „волците“, потполковник Вељовски, кој e еден од припадниците кои и по долги години од поминување на селективниот курс ги добиваат максималните 300 бода на физичките проверки. Наведува дека најмалку што го поминале курсот се осум проценти, а најмногу 50 – 60 проценти зависно од годишното време, од бројот и од тоа каква е групата кандидати.

– Изолирани сте и сте само бројка, ниту име, ниту презиме, нема пристрасност. Тука се гледаат вистинските вредности, нагласува тој.

Инаку, за 25 години армиските „волци“ имаат сменето 12 различни видови униформи, кои се дел од нивниот последен календар за 2019 година.

–  Фокусот според НАТО-концептот за специјални сили е воено асистирање, специјално обезбедување и директни акции. Тоа се трите примарни суштински задачи според новата доктрина на армијата согласно НАТО-стандардите, изјави командантот на Баталјонот за специјални намени – БСН.