Синоќа на атинскиот плоштад Синтагма започна протестот против Преспанскиот договор, а како што пренесуваат грчките медиуми, демонстрантите вечерва се собрале и пред американската амбасада.
Протестот започнал мирно, а демонстрантите носеле транспаренти со кои што повикувале на организирање на референдум. 1,200 полицајци денес беа ангажирани во грчкиот главен град кои што ги затворија патиштата околу плоштадот, како и метро станицата на Синтагма.
Демонстрациите набрзо ескалираа, а поголема група на демонстранти се судрија со грчката полиција и се обидоа да ги пробијат полициските кордони пред грчкиот парламент. Поради тоа, полицијата реагирала со шок бомби и солзавец.
Се верува дека најголемиот дел од демонтрантите кои што се против Преспанскиот договор, односно ратификацијата на договорот во грчкиот парламент која е закажана за утре, се припадници на грчките ултра-десничари.

Демонстрантите ги нападнале полицајците со камења, бакљи и молотови коктели, а како што соопштија од атинската полиција, во текот на денешниот ден биле уапсени од 60 до 70 лица кои што планирале насилни протести.

Гласањето во грчкиот парламент беше предвидено за вечерва, но истото е одложено поради големиот број на пратеници кои што сакаат да зборуваат на дебатата за Преспанскиот договор.

Како што е познато, откако во македонското Собрание поминаа уставните измени и нашата земја го промени името во Република Северна Македонија, како дел од Преспанскиот договор, сега тоа треба да биде ратификувано и во грчкиот парламент, по што ќе се стави крај на деценискиот спор и Македонија ќе стане членка на НАТО Алијансата.