Западниот Балкан припаѓа во Европа и ЕУ нема да биде комплетна без него, порача австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер на денешната заедничка прес-конференција со македонскиот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров. Едштадлер јасно истакна дека Австрија нема разбирање за бугарското вето кон Македонија и и порача на Софија да прекине со отпорот.
-Сакам јасно да апелирам на португалското претседателство брзо да се финализира преговарачката рамка за да може да се одржи првата меѓувладина конференција. Секое одложување, ќе значи дека сме губитници. Северна Македонија го смени името за да се приближи кон ЕУ. Искрено ќе кажам дека немам разбирање за бугарското вето. Јасно и гласно апелирам до Бугарија овој отпор да го заврши. Настанува вакум ако оваа перспектива на проширување не ја реализираме и тој вакуум ќе биде пополнет од земји како Кина и Русија, истакна федералната министерка и додаде дека Македонија беше и останува важен партнер за запирање на илегалната миграција.
Австриската министерка истакна дека Австрија ќе работи на понатамошни испораки на вакцини на Западниот Балкан, за, како што рече, во регионот да не се шират други сили како што гледаме во некои соседни земји.
Вицепремиерот Димитров истакна дека е вистинско време земјава да го зпочне процесот на пристапување, но дека не смее да се дозволи пристапниот процес да стане заложник на билатерални прашања, посебно кога тие прашања не се на линија со европските вредности.
-Во текот на 20 години процес на стабилизација и асоцијација и 16 години како земја-кандидат, мислам дека е вистина време да го почнеме пристапниот процес како нација, направивме многу, но зеленото светло од март минатата година почна да трепка со последниот предизвик со нашиот источен сосед. Ќе биде многу важно за нашите македонски граѓани, но и за граѓаните од целиот Балкан, за да можат да веруваат на зборовите од Европа и одлуките на Европскиот совет, да видат реално поместување напред во оваа календарска година и ние ќе направиме сѐ што можеме тоа да го обезбедиме и работејќи на решение на билатерални прашања, но мислам дека не смееме да дозволиме пристапниот процес да стане заложник на билатерални прашања посебно кога тие прашања не се на линија со европските вредности. Во меѓувреме, дома не чекаме, имаме една реформска агенда што ја нарековме „Агенда: Европа дома“ којашто се фокусира на областите од првиот кластер и имаме намера да ја држиме нацијата во добра реформска кондиција за да може нашите пријатели како Австрија да имаат повеќе аргументи во поддршката и битката да успееме и ова ќе биде заеднички успех, рече Димитров.
Тој е убеден дека нашите најголеми поддржувачи треба да бидат нашите соседи, затоа што тие имаат најголем интерес од една европска и сигурна Македонија. Димитров очекува да се дојде до решение во следните месеци.
– Се конституираше Парламентот во Софија и нам ни треба еден вид стратешко трпение да се формира тамошната влада. Излегувањето на процесот од шините не ни е во интерес на никој, јас сум убеден дека нашите најголеми поддржувачи треба да бидат нашите соседи, затоа што тие имаат најголем интерес од една европска, сигурна Северна Македонија. Идентитетските прашања, прашањето за Македонците, за македонскиот јазик, се прашања за македонскиот народ. Ќе работиме на тоа, ќе растеме заедно, немаме многу време на Блакнот. Изборите во Бугарија покажаа дека општествата на Блаканот понекогаш излегуваат позрели од политичките сили. Ако сме мудри, може да прогласиме заеднички успех, во секој случај оваа година. Содржински, не може држвите да не признаваат јазици. Прашањето на јазиците е прашање на самоопределување и е многу внатрешно прашање. Македонскиот јазик беше официјален јазик и во бивша Југославија. Мора да се почитува достоинството на другиот. Ама ќе стигнеме и таму, рече Димитров.
Вицепремиерот Димитров од Виена ја започна турнејата во главните градови низ Европската унија, во контекст на изразените австриски заложби за интензивирање на процесот на проширување на ЕУ со државите од Западен Балкан, како и ангажманот на Австрија во справувањето со пандемијата КОВИД-19 и обезбедувањето помош врз основа на принципот на солидарност.