„Таа коса, строго зачешлана наназад и малиот шпицест нос кој на неговото лице му даваше ведар израз“, пишува во биографската книга за поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц.
Во еден од најголемите политички скандали за оваа година падна австриската влада. Вицеканцеларот и прв човек на Слободарската партија, Хајнц-Кристијан Штрахе беше тајно снимен додека на непозната Русинка, која се претставила како внука на богат руски олигарх – ѝ понуди местење на тендери во Австрија, во замена за финансиска поддршка на неговата партија.
После избивањето на аферата, канцеларот Себастијан Курц ја распушти владата и беше именувана преодна канцеларка – Бижит Бирлен, а за крајот на септември се распишани нови избори на кои гласачите ќе одлучат кој ќе ја води Австрија.
Курц на изборите важи за фаворит, а неговиот имиџ во пресрет на изборите треба да го поправи биографската книга која ќе излезе овие денови. Авторка на биографијата е новинарката Џудит Громан, која што во текот на изминатите неколку години, интензивно го следела Курц. Тоа што го напиша таа во книгата, во најмала рака ја шокираше австриската јавност.
Поради разните пикантери, австриските медиуми веќе книгата „Себастијан Курц – службена биографија“ ја преименуваа во „50 нијанси на Курц“.
„Ја гледав неговата силуета. Дали е тоа навистина тој? Видов само дел од главата, но ми беше познат. Таа коса, строго зачешлана наназад и малиот шпицест нос кој на неговото лице му даваше ведар израз. Носеше темно сиво одело, црни чорапи, црни чевли и бела кошула со темна, цврсто заврзана кравата. И, сосема неочекувано, одеднаш влезе низ вратата. Замислено гледаше низ прозорот во далечината. Дали не забележа, тешко е да се каже. Блескавата сончева светлина продираше во просторијата. Но, тоа не му пречеше. Есенското сонце сјаеше на неговото лице. Беше изгубен во мислеше. Неколку секунди го гледавме“.
Ова е само еден од објавените делови од биографската книга која инспирираше многумина на социјалните мрежи да се шегуваат на сметка на биографијата на австрискиот канцелар и да објават свои фрагменти од „50 нијанси на Курц“.
„Лежевме така во неговиот кревет, постелнината мирисаше на рози. Неговото силно тело беше над моето, а потоа побара да му кажам нешто валкано. За да му удоволам, нежно му шепнав на увото – данок на наследство“, се шегуваат корисниците на социјалните мрежи.