Бајрактаров: Следува пандемија на ментални болести

585

Ковид-19 предизвика и една пандемија со менталното здравје. Тоа не е нешто непознато, тоа е познато уште од сите светски кризи и економски и војни, како и здравствени кризи, по кои следува епидемија на болести од менталното здравје. Ова денеска го истакна д-р Стојан Бајрактаров, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија во Скопје, на панел-дискусијата за влијанието на пандемијата од Ковид-19 врз менталното здравје.

Вели дека во оваа криза се појавуваат психички проблеми во општата популација која условно се смета за нормална или психички здрава, но и кај лицата кои веќе имале одредени проблеми со менталното здравје.

-Се наоѓаме во средиштето на една т.н. „совршена бура“ од ризици за анксиозни и депресивни растројства. И модерното време и стил на живеење е многу ризичен и за анксиозни растројства и за сите што се помалку нервозни и познаваме многу луѓе за кои порано можеби сме мислеле дека се доста посмирени меѓутоа, гледаме дека оваа криза и кај нив предизвикува една состојба на вознемиреност, напнатост, на сите помалку ни е намалено расположението и сме опседнати со чувство на грижа и вознемиренсот што ќе се случи. Понекогаш имаме и песимистички очекувања за тоа што ќе се случува наредната година бидејќи секојдневно ни доаѓаат вести или информации што да очекуваме, кога ќе заврши кризата, дека веќе предолго трае…, рече Бајрактаров.

Порачува дека треба да се преземат разни превентивни активности, меѓу кои, ја спомена достапноста на психијатриски и психолошки усуги преку телефиски линии, како и преку видео врска.