Честитки за големиот успех остварен на неверојатен начин доаѓаат од сите страни од регионот, од поранешните братски републики – Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Србија… Сите тие навиваа за црвено-црните, што поради играчите од овие простори, што поради фактот дека успехот на Вардар не е само успех за Македонија, туку и успех за целиот Балкан.
„Браво Вардар! Големи честитки. Баш уживав во вашите победи. Ги посрамотивте сите тие фудбалско-платенички шминкери! Зашто парите во новчаник не бијат битки, туку – срцето на јунаците“, напиша еден хрватски навивач во илјадниците честитки упатени кон црвено црните.
Вардаровата приказна за патот кон европскиот трофеј е сценарио за филм, а српски навивач во две реченици го опишакако тоа би изгледало во кратки црти.
„Оваа приказна заслужува филм! Момви, кои не примаат плата, кои носат голман од распадната лига, ја освојуваат титулата – првак на Европа. А, притоа на тој пат ги исфрлаат ‘аждаите’, пишува друг навивач.
И додека Македонија е во транс, а регионот збесна од радост, останува неизвесноста околу иднината на клубот. Дел од актуелните ракометари веќе заминуваат со овој настап, дел ја чекаат разврската за „спасот на гордоста на Македонија и регионот“.
„Некој ќе мора да одговара, ако пропадне најголемиот спортски бренд во Македонија. Недопустливо е најдобриот ракометен клуб на светот да згасне. Такво нешто никаде немам видено“, пишува друг навивач од регионот.